Фото: ЕПА

ЗОИ 2026

  • Пламенот ќе патува 12.000 км во сите 20 региони, во 110 провинции и ќе помине низ 60 италијански града и 300 места, со вкупно 10.001 носител на факелот

Организаторите на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо го примија олимпискиот пламен на церемонија во Атина, а сега се подготвуваат за 63-дневната штафета со факелот, дизајнирана да предизвика возбуда низ цела Италија пред ЗОИ во февруари, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Италија е горда на своето олимписко наследство, додека се подготвуваме да го напишеме следното поглавје во нашата олимписка приказна – рече шефот на организацијата на Игрите во Милано-Кортина, Џовани Малаго.
Италија, велесила во зимските спортови, претходен пат беше домаќин на ЗОИ во 2006 година, кога домаќин беше Торино.
Пламенот денеска ќе тргне од Рим, на патување од 12.000 км, кое ќе ги опфати сите 20 региони, 110 провинции и ќе помине низ 60 италијански града и 300 места, со вкупно 10.001 носител на факелот. Штафетата ќе опфати познати знаменитости, вклучувајќи ги Колосеумот во Рим и Големиот Канал во Венеција…, во Кортина д’Ампецо треба да пристигне на 26 јануари, точно 70 години по церемонијата на отворањето на Игрите во 1956 година, на истото место, и ќе пристигне на 6 февруари на церемонијата на отворањето на ЗОИ 2026 на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, пишува „Ројтерс“. Г.И.