Фото: Маја Јаневска-Илиева

Атлантскиот воен сојуз маргинализиран како нерелевантен за мировни преговори

  • НАТО во мировниот план за Украина во голема мера беше маргинализирано во разговорите што треба да одведат во стабилен и долгорочен мир. Во една таква фактичка ситуација, министрите за надворешни работи на НАТО вчера требаше да се состанат во Брисел, за земјите членки на Алијансата да имаат можност да дебатираат за контурите на мировниот план за Украина. Според аналитичарите, тие се доведуваат самите во една комична ситуација на нерелевантност, па и дискусијата и евентуалните заклучоци за мировниот процес за Украина би биле само за „внатрешна употреба во НАТО“. За потсетување, самитот на НАТО доаѓа еден ден откако американскиот претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин на клучни разговори во Москва за мировниот план…

Земјите членки на НАТО, увидувајќи ја својата маргинализираност да одлучуваат за клучни прашања во мировниот процес за Украина, побараа „право на глас за тоа каква улога ќе игра воениот сојуз во кој било иден мировен договор со Украина“. Некои членки на НАТО инсистираат дека „имаат црвени линии за кои сакаат прво да бидат консултирани“. Со таков став во јавноста излегоа четворица дипломати на НАТО, во „Политико“, но нивниот идентитет не се открива. Според медиумот, „црвените линии на НАТО“ се однесуваат на: пристапувањето на Киев во Алијансата, распоредувањето трупи и оружје на сојузничка територија и почитувањето на меѓународното право.
Факт е дека НАТО во мировниот план за Украина во голема мера беше маргинализирано во разговорите што треба да одведат во стабилен и долгорочен мир. Во една таква фактичка ситуација, министрите за надворешни работи на НАТО вчера требаше да се состанат во Брисел, за земјите членки на Алијансата да имаат можност да дебатираат за контурите на мировниот план за Украина. Според аналитичарите, тие се доведуваат самите во една комична ситуација на нерелевантност, па и дискусијата и евентуалните заклучоци за мировниот процес за Украина би биле само за „внатрешна употреба во НАТО“.
– Сега ги разработуваме црвените линии заедно со нашите партнери и сојузници. На крајот на краиштата, НАТО ќе одлучува за прашањата на НАТО – изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен во интервју за „Политико“.
Обновениот притисок доаѓа откако европските земји беа изненадени од мировниот план посредуван од САД и Русија кон крајот на минатиот месец, кој од Европејците беше оценет како „фаворизирачки за Москва“. Затоа, Европејците изнесоа свој контрапредлог, кој од Вашингтон и Москва беше де факто игнориран.
– Навистина е важно САД да ги предводат овие напори. Но сè што е споменато во договорот за завршување на војната, очигледно ќе се разгледува одделно со НАТО – изјави звучејќи длабоко резигнирано шефот на НАТО, Марк Руте, завчера во Брисел.

НАТО сака да глуми во главна ролја, па дури и да поставува услови за мировните преговори

Иако во моментов „нема консензус“ меѓу сојузниците на Алијансата за членство на Украина во НАТО, како што истакна Руте, сè уште важи основачкиот договор на организацијата од 1949 година, кој теоретски одржува политика на отворени врати за нови земји членки.
Во претходен нацрт на планот беа поставени строги услови за Алијансата, наредувајќи ѝ да престане да прифаќа нови членки, да се обврзе дека нема да стационира војници во Украина и да вметне во своите статути одредба со која се забранува приклучување на Украина на НАТО.
Руте рече дека преговорите за мировен договор се разликуваат во однос на првичните предлози. Валтонен, исто така, инсистираше дека „многу од прашањата“ со првичниот мировен план, што се однесува на Европа и НАТО, се „извлечени“ од подоцнежните верзии.
Но европскиот контрапредлог, исто така, дојде со неколку услови за Алијансата: пакт за ненапаѓање меѓу НАТО и Русија, завет дека нема трајно да се распоредат сојузнички трупи во Украина и завет за стационирање борбени авиони на НАТО во Полска.
Досега „НАТО беше на маргините“, рече Ед Арнолд, виш истражувачки соработник во аналитичкиот центар „Кралски институт за обединети услуги“. А, според него, таа намалена улога делумно се должи на геополитиката и се обидува да оправда дека „со поактивно вклучување на НАТО, ситуацијата би ескалирала“.
– Вклучувањето на НАТО би предизвикало поширок проблем со Русија што организацијата досега не сакаше да го направи – објаснува Арнолд.

Вашингтон ги одминува своите европски сојузници од Алијансата

Зад затворени врати, одредени сојузници од НАТО сметаат дека Вашингтон можел повеќе да се консултира со нив за мировниот процес. Во понеделникот, американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, формално ги информираше своите колеги претставници за разговорите за првпат, според двајца дипломати на НАТО на кои им беше дадена анонимност за слободно да зборуваат за чувствителното прашање. Задоцнетиот брифинг следувал речиси две недели по објавувањето на првичниот нацрт-предлог. Згора, американскиот државен секретар Марко Рубио претходно наведе дека нема да присуствува на состанокот што беше предвиден за вчера. Наместо Рубио, на состанокот ќе учествува неговиот заменик Кристофер Ландау.
– Отсуството на Рубио ќе испрати погрешен сигнал, исто како што Америка треба да се координира уште поблиску со европските сојузници – рече Оана Лунгеску, поранешна портпаролка на НАТО, забележувајќи дека американски државен секретар последен пат пропуштил министерски состанок на НАТО во 1999 година.
Јавно, земјите од НАТО го игнорираат очигледното потценување од страна на САД, но очигледно е дека им пречи. Во меѓувреме, НАТО-членките мора да одлучат и каква улога ќе игра Алијансата по потпишувањето на мировниот договор за Украина, вклучително и дали да го обноват советот НАТО-Русија, неговиот долго неактивен форум за разговори со Москва. Р.С.


Сојузниците од НАТO несообразени за трошењето пари за купување оружје за Украина

Јастребите на војната против гулабите на мирот

Расте притисокот врз земјите од НАТО за порамномерно распределување на трошоците за купување американско оружје за Украина, додека Алијансата се стреми да ја реструктурира својата шема за набавка на оружје, објавува „Политико“.
На тој притисок се додава очекувањето дека две земји што не се членки на НАТО, Австралија и Нов Зеланд, ќе придонесат во програмата за купување оружје, според две лица запознаени со ова прашање.
– Колку подолго продолжува ова, толку појасно можете да видите кој се обидува да купи оружје над своите можности, а кој под нив – изјави висок дипломат на НАТО за „Политико“.
Програмата за купување оружје беше предвидена меѓу клучните точки на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел.
Приоритетната листа на барања за Украина, или ПУРЛ, беше формирана во јули за да се овозможи континуирана испорака на американско оружје за Украина. Во мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп, воената помош од Вашингтон пресуши, но Белата куќа е подготвена да продава оружје платено од други сојузници.
Оттогаш, 11 од 32 сојузници на НАТО формално придонесоа во пет одделни пакети во вкупна вредност од 2,5 милијарди долари – а генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, минатата недела објави дека земјите ќе потрошат пет милијарди долари до крајот на годинава. Уште шест земји ветија дека ќе учествуваат.
Но има големи разлики помеѓу земјите што плаќаат милијарди и оние што не придонесуваат. Некои сојузници како Данска, Норвешка и Холандија веќе придонесоа повеќе пати во шемата, а други не успеаја да донираат ништо. Италија, третата најголема економија во ЕУ, сигнализираше дека ќе се придружи, но сè уште не даде формално соопштение. Досега, околу 20 сојузници ветија дека ќе учествуваат во програмата.
Некои земји што не учествуваат, како што се Романија и Црна Гора, се ограничени со средства, додека други, како Унгарија, идеолошки се противат на помагањето на Украина. Други земји, како Велика Британија и Чешка, користат други начини за испраќање воена помош во Украина. Франција, пак, сомничава во однос на планот, делумно затоа што не е заинтересирана да користи европски пари за поддршка на американските компании за оружје.
Киев ја пофали шемата ПУРЛ, која испорача клучно американско оружје, вклучувајќи ги и посакуваните системи за воздушна одбрана „патриот“. Сега, во обид да ја зајакнат преговарачката позиција на Украина за време на тековните мировни преговори и да продолжат да снабдуваат витално оружје, сојузниците на НАТО размислуваат за начини да ја направат шемата поодржлива, велат извори на „Политико“. Р.С.