Без разлика дали сте еколошки свесни, барате ретроизглед или сакате да ги избегнете диктатите на алгоритмите кога слушате музика, стар „епл“ или кој било друг музички плеер може добро да ви послужи. Четири години откако „Епл“ го прекина производството на својот дигитален музички плеер, продажбата на користени „ајподи“ е во пораст. Ова делумно е поттикнато од млади луѓе што се заинтересирани не само за ретроизгледот туку и од желбата да слушаат музика на фокусиран начин и со плејлисти што не се одредени од алгоритми. Можете исто така да користите 3,5 мм жичени слушалки на овие уреди. Ако сте заинтересирани да му се придружите на трендот, нудиме неколку совети.
Сосема нови уреди повеќе не се достапни, но има половни на „И беј“, „Фејсбук маркетплејс“ и други секундарни пазари. „Епл“ продаде 450 милиони од нив за две децении, така што сè уште можете да ги најдете. Ако некој ви понуди нов, заобиколете го во широк лак. Речиси сигурно е прашање или на користен уред или на лажен. Наместо тоа, прашајте ги вашите роднини, пријатели и познаници дали некој има „ајпод“ што не го користи. Оригиналниот“ајпод“, издаден во 2001 година, доаѓаше со тркало за скролање што го правеше препознатлив. По објавувањето на шестата генерација, „Епл“ почна да го нарекува „класик“. По него следуваа помали верзии „мини“ и „нано“, кои немаа екран. Потоа дојде „тач“, со стаклен екран на допир и работеше на оперативниот систем Иос за поддршка на мобилни апликации. Тоа беше во основа „ајфон“ без телефон. Ако не сте сигурни кој модел го имате, проверете ја страницата за идентификација на „Епл“. Дефинитивно ќе ви треба кабел за полнење. Доколку полнењето не помогне, можеби ќе треба да ја замените батеријата или да проверите за нешто друго (како скршен приклучок за слушалки или оштетен екран). Можете да го испратите во сервисен центар или сами да го поправите ако сте навикнати на тоа. Веб-страницата за поправка на „ИФиксит“ има детални упатства за поправка чекор по чекор за замена на разни компоненти. Ќе мора сами да ги набавите резервните делови.
































