Новата босанско-херцеговска авиокомпанија „ФлајБосна“ утрово го реализираше првиот лет од Софија до Сараево со авион од типот „Ербас А319“, со 156 места.
Капетанот Амир Баралиќ по слетувањето на сараевскиот аеродром изјави дека летот бил мошне емотивен.
– Првиот лет помина многу емотивно, бидејќи сите не поздравија и сите се радуваат, од Србија, преку Бања Лука до Сараево, рече Баралиќ.
Тој информира дека „ФлајБосна“ моментално има 20 стјуардеси и стјуарди, како и осум пилоти.
-Тоа е само за почеток. Нашите амбиции и планови се многу напред и многу над тие броеви. Ние се радуваме на тоа да вратиме што повеќе наши кадри кои заминаа, рече Баралиќ.
Директорот на „ФлајБосна“, Крис Габриел изјави дека во наредните 12 до 18 месеци треба да се зголеми бројот на летови во и од Сараево.
– „ФлајБосна“ тежнее да стане одржлива авиокомпанија со седиште во Сараево, која ја поврзува Босна и Херцеговина со одбрани меѓународни дестинации со директни летови. Наш почетен фокус е Европа – Лондон, Париз, Франкфурт, Рим, Москва…, како и сезонски летови на други одбрани дестинации на Блискиот исток, истакна директорот Габриел.