Фото: Жарко Чулиќ

Маргарита Арсова, програмска координаторка на „Синедејс“

  • Не би сакала да звучам драматично, но навистина има наслови што не смеат да се пропуштат. Европскиот филм и годинава зборува тивко, но пробивно – со приказни што одѕвонуваат долго по последниот кадар. Филмовите што ги избравме се токму тие што стојат малку накриво во реалноста, што ја менуваат светлината во салата. Некои ќе ве турнат во неочекувана нежност, некои во дисторзија, некои во тивка возбуда што трае со денови, подвлекува Маргарита Арсова

Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ почнува в среда, а ќе трае до 10 декември, на две локации, во МКЦ и во Кинотеката на Македонија.
Ова е 24. издание на фестивалот. Неговата суштина е едноставна, но суштинска: да го отвори просторот за европскиот филм, да го приближи до публиката и да создаде дијалог околу темите што нѐ тангираат сите… од интимни човечки приказни, до општествени, политички и генерациски пресврти. Секое ново издание нуди богата филмска програма, па и музичка, стручни, едукативни предавања и обуки, како и убава шанса за промоција и дистрибуција на филмските проекти. Годинава е предвиден и дводневен хакатон за филмски маркетинг.
„Синедејс“ претставува идеја за „славење на европската кинематографија“, основана во 2001 година од големиот шпански режисер Педро Алмодовар во соработка со Вивиан Рединг, која денес е членка на Европскиот парламент. „Синедејс“ почна како Недела на европскиот филм во сите главни европски градови, во форма на денови на прослава на европското кино. Истовремено, оваа Недела на европската кинематографија се одржа и во Младинскиот културен центар во Скопје.
Изминатите 23 фестивалски изданија, „Синедејс“ го движи една водечка идеја – да ѝ се претстават на публиката најдобрите и најнаградувани европски филмови. Подетално околу програмата, годинашното издание и предизвиците разговараме со Маргарита Арсова, програмска координаторка на „Синедејс“.

Со каков концепт и визија е креирана годинашната програма на „Синедејс“?
Концептот и визијата се судрија во една единствена движечка сила: да се одржи. Во повеќе наврати, во нас како тим се кршеа копја дали e возможно да се организира фестивал во супстандардни услови, фестивал што во европски рамки е признаен, верификуван и негуван со љубов, голем труд и традиција. Но, некогаш, човек мора да рече доста е. Е тоа не се случи и покрај сѐ. Бидејќи, за среќа, луѓето во тимот на МКЦ што го организираат фестивалот не се така кроени.
Концептот се задржа на основните вредности – да прикажеме фино спакувана програма, со филмови што полнат киносали (во Европа), наградувани остварувања, македонски копродукции, убави филмски вечери, придружна музика, прекрасни гости, корисна програма за развој на дистрибуцијата и маркетингот на европскиот филм. И тоа сѐ во МКЦ (киното „Фросина“ и креваме киноплатно во Денсинг салата на МКЦ) бидејќи киното „Милениум“ е затворено од април 2025 година.
Ако за нешто нѐ бидува, тоа е да импровизираме на најпрофесионален можен начин.

Какво филмско патување ќе ѝ понудите годинава на публиката? Кои европски филмови публиката никако не смее да ги пропушти оваа година?
Оваа година публиката не ја водиме само на филмско патување – ја водиме низ премин. „Синедејс“ ќе понуди искуство што ќе започне како обична проекција, а ќе заврши како чувство дека сте стапнале во нечиј туѓ сон. Нашата програма е составена како мапа: секој филм е клуч на врата што води кон „другата страна“.
Не би сакала да звучам драматично, но навистина има наслови што не смеат да се пропуштат. Европскиот филм и годинава зборува тивко, но пробивно – со приказни што одѕвонуваат долго по последниот кадар. Филмовите што ги избравме се токму тие што стојат малку накриво во реалноста, што ја менуваат светлината во салата. Некои ќе ве турнат во неочекувана нежност, некои во дисторзија, некои во тивка возбуда што трае со денови. Фестивалот го посветивме на американскиот режисер и човек што визионерски ја смени светската кинематографија, Дејвид Линч. Во негова чест ги имаме „Твин пикс: Огну оди со мене“ и „Глава за бришење“ (Eraserhead), како и пет негови кратки филмови на фестивалот. Сакам публиката да знае: не ги каниме само да гледаат туку да минат низ вратата што се отвора еднаш годишно. И секој што ќе влезе, ќе си замине малку поразличен.

Како одлучивте кои филмови ќе влезат во главната селекција? Кои беа критериумите и приоритетите?
За нас, секогаш е приоритет да бидат прикажани најновите и најнаградувани филмови од тековната фестивалска година. Така што, ги имаме филмовите „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, кој е добитник на наградата „Златна палма“ на „Канскиот фестивал“ оваа година, филмот „Тајниот агент“ на Мендонса Фило, кој беше номиниран за истата награда годинава, „Домот на младата мајка“ на браќата Дарден, исто со номинација за „Златна палма“, „Татко, мајка, сестра, брат“ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата „Златен лав“ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Во натпреварувачките програми, имаме филмови што се во номинација за Европските филмски награди. Имаме 13 македонски кратки филмови, во голем дел премиери. Имаме пет македонски копродукции што досега не биле прикажани на ниеден домашен фестивал. Имаме две музички вечери со европски млади бендови. Критериумите секогаш се исти – да бидат филмови што се за публика што е гладна за повеќе.

Дали има нови или експериментални формати што ќе бидат претставени?
Фокусот не ни е на експериментални формати, бидејќи го прикажуваме најдоброто од европската кинематографија, иако сама по себе застапува нетипичен израз. Но можам да кажам дека кратките филмови што се дел од селекцијата посветена на Дејвид Линч се доволен експеримент сам по себе.

Фестивалите се голем организациски предизвик. И покрај предизвиците со средствата, затворањето на „Милениум“ и намалувањето на буџетот, не дозволувате тоа да се одрази на квалитетот на содржината на фестивалот. Со што се соочивте годинава при организација и како ги надминавте тие предизвици?
Во последните четири години се соочуваме со девастирана институција, комплетно уништена од самиот корен. МКЦ протекува од сите страни, Планетариумот и детскиот креативен центар не работат, киното не работи, имаме блокирани сметки од извршители, неизвесност со платите на вработените лица, но и на хонорарно ангажираните, кои повеќе од шест месеци немаат земено хонорар. Пристапот до финансиската состојба на институцијата не ни е достапен, така што во повеќе наврати од програмските средства за реализација на фестивалите што ги организираат програмските уредници на МКЦ беа повлечени пари од извршители за кои не знаевме. МКЦ нема основни средства за работа, за хигиена. Се соочува со стар кадар, преполовен поради пензионирање или откази и генерално лошо менаџирање. Се почна со 80 отсто скратување на средствата за програма од поранешната градоначалничка во 2022 година и се надоврза со лошото раководење на институцијата. Од организација што во 2022 година остави на сопствена сметка заработени средства достапни на следниот директор во износ од околу пет милиони денари, денес сме повеќе милиони денари во минус. Тоа сериозно се одрази и на нашето здравје, пред сè, како раководители на програма, кои имаме вложено многу труд, работа и љубов во таа институција, а со тоа и на фестивалите што ги водиме.

Каква е улогата на „Синедејс“ во промоцијата на филмовите направени во Европа? Со какви предности може да се пофали фестивалот во однос на другите европски фестивали…
За нас е доволно да знаеме дека во земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор. Гледаме награди на режисерки што ги освојуваат Холивуд и Европа, гледаме филмови што ги надминуваат нашите мали и кревки граници. „Синедејс“ е во линија со тоа, покажувајќи дека иако сме мала земја, градиме европска култура, не само со „Синедејс“ како фестивал туку и со сите програми на кои тимот на МКЦ е посветен повеќе од 15 години. Признанието за она што го правиме со фестивалот беше номинацијата на „Синедејс“ да стане член на престижната асоцијација ФИАПФ, во која стоиме рамо до рамо со европските фестивали, кои се многу поголеми од нашиот, но нашиот, пак, има поголем импакт на локалната култура и заедница. Сакаме да ја одржиме традицијата на љубов кон вистинските филмски приказни, за кои сѐ помалку има место во големите киносали.

Каква визија имате за фестивалот и што би сакале да развиете или да дополните во следните изданија?
Погледот во иднината ни е малку замаглен, чекаме да ни се разбистри. Сакаме да го подмладиме фестивалот, да внесеме нова енергија од нови луѓе, да ги задоиме со она што го работиме, за да можеме стратешки да се фокусираме на повисоки цели, а тие се МКЦ конечно да стане стабилна институција што ќе се надмине. И така и да остане.