Двајца припадници на американската Национална гарда се ранети вечерва во близина на Белата куќа во Вашингтон, објавија американските медиуми повикувајќи се на неименуван функционер од полицијата, кој не бил овластен јавно да зборува за инцидентот.
Пукањето се случило во областа во близина на метро станицата Фаргат, недалеку од Белата куќа. Засега не е познато во каква здравствена состојба се ранетите војници, објавува „Гардијан“.
Метрополитенската полиција на Вашингтон објави на социјалната мрежа Икс дека местото на настанот е безбедно и дека еден осомничен е во притвор. На граѓаните им е советувано да ја избегнуваат областа. Околностите што доведоа до пукањето сѐ уште се непознати, а Националната гарда сè уште нема издадено официјално соопштение.
Бројни возила на службите за итни случаи брзо пристигнале на местото на настанот.
Претседателот Доналд Трамп, исто така, вечерва бил информиран за инцидентот, а кратко по нападот се огласи и на неговата мрежа Трут соушл, потврди неговата портпаролка Каролин Ливит.
– Белата куќа е свесна за оваа трагична ситуација и активно ја следи. Претседателот е известен – рече Ливит.
Трамп рече дека двајца припадници на Националната гарда се „критично ранети“ и додаде дека двајцата се сместени во различни болници. Тој го нарече напаѓачот „животно“ и јасно изјави дека виновникот ќе се соочи со тешки последици.
– Тие ќе платат многу висока цена – рече Трамп.
Инцидентот се случи во време кога распоредувањето на припадници на Националната гарда во американската престолнина предизвика контроверзии, откако администрацијата на Доналд Трамп нареди нивно испраќање во Вашингтон.


































