Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, бидејќи постои основано сомнение дека тој на 19 ноември, со употреба на сила и спротивно на јасно изразената волја на една оштетена ја принудил на сексуален однос.
– Жртвата, со која претходно биле во подолга врска која таа ја прекинала, ја пречекал пред работното место и ја викнал да влезе во кола за да разговараат и да ја однесе дома. Но наместо тоа, со автомобилот свртел по полски пат, па во возилото ја удирал по лицето и и се заканувал дека не смее да биде во врска со друг. Кога застанал, оштетената излегла од автомобилот, но тој со шлаканици и боксови ја вратил во возилото и ја принудил на полов однос на кој таа постојано се спротивставувала- велат од ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.





































