Фото: Пиксабеј

Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустен Умеров денеска изјави дека Киев во Швајцарија ќе одржи консултации со САД за завршување на руската војна против Украина.

– Почнуваме консултации помеѓу високи претставници на Украина и на САД за евентуални параметри на идниот мировен договор во Швајцарија – објави Умеров на платформата Телеграм.

Тој додаде дека Украина „го цени учеството на американската страна и нејзината подготвеност за содржајни разговори“.

Претходно, претседателот на Украина Володимир Зеленски соопшти дека го одобрил составот на делегацијата што ќе учествува во преговорите со САД и другите меѓународни партнери, како и со Русија, за постигнување праведен и одржлив мир.

– Украина наредните денови ќе се консултира со своите партнери и заедно ќе се разговара за чекорите за запирање на војната. Зеленски го одобри составот на делегацијата, која ќе ја предводи шефот на неговата администрација и ќе вклучува високи безбедносни функционери – соопшти Кабинетот на Зеленски.

Украинската делегација ќе биде предводена од шефот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак, потоа Умеров, началникот на Главната дирекција за разузнавање (ГУР) на Министерството за одбрана Кирил Буданов, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина Андриј Гнатов и други високи претставници.

– Украина никогаш нема да биде пречка за постигнување мир, а претставниците на украинската страна ќе ги бранат интересите на украинскиот народ и темелите на европската безбедност – се наведува во соопштението на претседателскиот кабинет.