Фото: ЕПА

Германскиот канцелар Фредерик Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, по одржаните разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објавија заедничко соопштение во кое се вели дека лидерите ја потврдиле својата „непоколеблива и целосна поддршка за Украина на патот кон траен и праведен мир“. Тие, исто така, „ги поздравиле напорите на САД за прекин на војната во Украина“, посочувајќи дека „ќе продолжат да ја следат целта за заштита на виталните европски и украински интереси на долг рок“. Тие притоа порачаа дека секој мировен договор „што влијае на европските држави, Европската Унија или на НАТО бара одобрение од европските партнери или консензус меѓу сојузниците“


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен:
Ништо за Украина не може да се одлучува без Украина

Планот од 28 точки беше објавен. Ќе ја разговараме ситуацијата и со европските лидери и со лидерите тука на маргините на Г20, кратко порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во коментар за мировниот план на САД за Украина, додавајќи дека ќе се обрати до украинскиот претседател Зеленски за да разговара за ова прашање, како и дека останува клучниот принцип според кој „ништо за Украина не може да се решава без Украина“. Р.С.


Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас:
Го поддржуваме секој план што носи праведен и траен мир

Ние го поддржуваме секој план што носи праведен и траен мир, нагласи шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, при што истакна и дека „за да функционира кој било мировен план, во него мораат да бидат вклучени Украина и Европејците“. Р.С.


Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта: ЕУ
не е информирана за плановите за Украина

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, отворено признава дека ЕУ не е информирана за планот на САД, па затоа истакна дека „нема смисла да се коментира“ за него. Р.С.


Полскиот премиер Доналд Туск:
Сите преговори треба да се водат со учество на Украина

Полјаците ќе носат одлуки во врска со Полска, ништо за нас без нас. Во однос на мирот, сите преговори треба да се водат со учество на Украина, порача полскиот премиер Доналд Туск во објава на социјални мрежи.


Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул:
Предлогот на Трамп не е вистински план

Од моја гледна точка, тоа не е вистински план, туку едноставно список на теми, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пред новинарите во Брисел.
– Верувам дека е задача на преговарачките страни да го дефинираат ова. Сакаме да осигуриме дека Украина може да разговара за овие точки од силна преговарачка позиција. Украина ќе одлучи какви компромиси ќе прави, исто како што Русија ќе мора да донесе такви одлуки од своја страна – порача Вадефул. Р.С.


Унгарскиот премиер Виктор Обран: Очигледно е дека Трамп решил
да ја заврши руско-украинската војна

Мировната иницијатива на претседателот добива нова динамика. Мировниот план од 28 точки е на маса, американската преговарачка делегација е во Киев, а очекувањата во светот се големи. Американскиот претседател е упорен, нестандарден играч. Да беше претседател кога избувна војната, војната никогаш немаше да се случи. Јасно е дека кога Трамп ќе одлучи нешто, не се откажува од тоа и очигледно е дека решил да ја заврши руско-украинската војна, напиша унгарскиот премиер Виктор Обран на социјалната мрежа Икс, при што упати критики кон ЕУ, велејќи дека „додека Вашингтон преговара за мир, претседателот на Европската комисија размислува како да обезбеди уште повеќе пари за Украина и финансирање на војната“. Р.С.


Првични изјави на двете спротивставени страни во конфликтот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски: На Украина ѝ е потребен
вистински, достоинствен мир

Американската страна ги презентираше своите предлози: точките на планот за завршување на војната, нивната визија. Од првите денови на војната, ние се држевме до една многу едноставна позиција: на Украина ѝ е потребен мир. Вистински мир, оној што нема да биде нарушен со трета инвазија. Достоинствен мир, со услови што ја почитуваат нашата независност, нашиот суверенитет и достоинството на украинскиот народ. И токму такви услови мора да обезбедиме, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за мировниот план предложен од САД, нагласувајќи дека ги изложил клучните украински принципи и оти се согласил украинските тимови да работат на предлозите. Р.С.


Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков: Москва останува во контакт со Вашингтон, но моментно нема консултативен процес

Москва останува во контакт со Вашингтон, но моментно, такви консултации не се одржуваат. Секако има контакти, но нема процес што би можел да се нарече консултација. Тоа не се случува, истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негирајќи дека се одржуваат формални преговори по повод објавувањето на американскиот мировен план. Р.С.