КУГЛАЊЕ – ПОЕДИНЕЧНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ
По два натпреварувачки дена, кои се одржаа во кугларниците „Мусандра“ и СЦ „Борис Трајковски“, познати се кугларските прваци на град Скопје за 2025 година. Во машка конкуренција шампионскиот пехар му припадна на Саша Јанковиќ (со вкупно 1.168 соборени кегли), член на КК Вардар 2014, втор е младиот и надежен Петар Радовиќ (1.137) од Макпетрол, а трет неговиот клупски колега Никола Андоновски (1.124). Во женска конкуренција славеше Биба Гаврилова (1.101 кегла) од ГТЦ Мусандра, пред своите клупски другарки Данче Наумовска (1.097) и Елена Аврамовска (1.041).
– Посебно беше интересен вториот ден од првенството, кога на површина излезе кугларскиот талент што Македонија го има и покрај тешката состојба на овој спорт кај нас. Патем паднаа и две „шестотки“ во кугларницата во СЦ „Борис Трајковски“, што, пак, покажа колку малку подобрени услови ни недостигаат за да бидеме рамо до рамо со сите силни странски лиги и закана за сите светски репрезентации – велат од Кугларската федерација на Македонија.
Претседателот на КФМ, Дарко Димитровски, и претседателот на Натпреварувачката комисија на КФМ, Виктор Николовски, им ги доделија медалите на најдобрите. Г.И.


































