ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ „13 НОЕМВРИ“ НА ГРАД СКОПЈЕ
- Меѓу добитниците на годинашнава награда е и легендарниот спортски новинар Зоран Михајлов, кој по повеќе од 60 години во новинарството уште е активен. Ова е вторпат како ја добива оваа награда, а повод беше автобиографијата за нашиот најдобар фудбалер Дарко Панчев
Меѓу добитниците на годинашнава награда „13 Ноември“, која се доделува по повод Денот на ослободувањето на Скопје, од областа на спортот вторпат во својата кариера беше и легендарниот спортски новинар Зоран Михајлов. Интересно е оти наградата се совпаѓа со неговото 60-годишно присуство на новинарската сцена, на која уште е активен и неуморно се бори да се зачува богатата историја на македонскиот спорт. Михајлов е личност позната и во поширокото опкружување на нашата држава, оти зад себе има една импресивна кариера. Доволно е да споменеме оти тој е рекордер по присуствата како коментатор и известувач на дури 15 олимпијади, од кои девет летни и шест зимски.
Покрај тоа, тој беше присутен и на 15 светски првенства во атлетика, за што доби и специјална награда од АИПС (Светска асоцијација на спортски новинари) за посебен придонес во афирмацијата на атлетскиот спорт. Интересно е што од АИПС, исто како и наградата „13 Ноември“, ја доби наградата во два наврата, првпат на СП 2017 во Лондон, а потоа и на СП 2023 во Будимпешта, кога всушност комплетира 15 присуства на СП во атлетика. Таму, на негово големо задоволство, признанието, кое тој го смета како награда за животно дело, му го врачи актуелниот светски рекордер во скок во височина, Кубанецот Хавиер Сотомајор, чиј светски рекорд од 2,45 метри постигнат во 1993 на митингот во Саламанка (Шпанија) уште не е соборен.
– Ми причинува големо задоволство што вторпат по 19 години станав добитник на наградата „13 Ноември“, која ја доделува градот Скопје по повод Денот на ослободувањето на Скопје. Оваа награда ми дава нова сила и понатаму, иако во новинарството сум од 1964 година, да продолжам да пишувам и да ги запознаам младите генерации со македонската спортска историја. Токму поаѓајќи од желбата да се паметат асовите и нивните резултати, повеќе од 15 години сум автор на емисијата посветена на македонските спортски легенди што се емитува на Наша ТВ. Мислам оти „Нова Македонија“ од пишаните и Наша ТВ од електронските медиуми се единствените што посветуваат толку големо внимание на спортското минато и на асовите, кои го афирмираа нашиот спорт – вели Зоран Михајлов.
Михајлов во претходните години познат е и по тоа што често се навраќа на минатото и настојува да ги опише настаните онакви какви што биле, а веројатно од загриженост да не бидат заборавени, да ги потенцира и имињата на актерите.
– Токму кон тоа е насочена мојата работа во претходните години. Во весникот „Нова Македонија“ со години оди серијалот посветен не само на спортските асови туку и на тоа како квалитетно се издигнувале некои од спортовите во кои имаме добри постигнувања и на меѓународната сцена. Едноставно, сакам да се види кои биле луѓето што дале придонес за развојот на одреден спорт, зашто ако некаде не се запишат нивните имиња, тие брзо може да бидат заборавени и така да остануваме посиромашни со еден многу значаен податок. Што се однесува на врвните спортски настани, олимпијадите, светските и европските првенства, најмногу се задржувам и ги опишувам настапите и постигнувањата на македонските спортисти, што е и нормално.
Бев радосен кога, за жал, покојниот Благоја Георгиевски освои сребрен медал со кошаркарската репрезентација на поранешна Југославија на ЛОИ во Монтреал во 1976 година и кога по 12 години ист медал освои на ЛОИ во Сеул и Стојна Вангеловска, која беше и капитенка на женската репрезентација. Многу радост ми донесе и бронзата на Аце Русевски на ЛОИ 1976, потоа и златото освоено на ЕП во Хале. Борачите постојано освојуваа или беа блиску до трофеите. Сепак, највредниот, златниот олимписки медал го освои Шабан Трстена, Шабан Сејдиу покрај двете олимписки бронзи,освои и две европски титули, а двапати беше и светски вицепрвак. На овие двајца им се приклучи и Зоран Шоров, кој имаше сребро и бронза од ЕП, а Могамед Ибрагимов ќе биде запаметен не само како носител на бронзен олимписки медал во Сиднеј 2000 година туку и како прв освојувач на олимписки медал во самостојна Македонија. Успешниот олимписки пат во овој век го продолжи таеквондистот Дејан Георгиевски со среброто во Токио. Често ги снимав и пишував за параолимпијците Бранимир Јовановски, Ванчо Каранфилов и Оливера Наковска-Бикова, кои освоија грст медали на најголемите приредби. Меѓу оние за кои со задоволство пишував и коментирав се и ракометарите, прво оние од генерацијата на Пепи Манасков, потоа од генерацијата на Кирил Лазаров. Најмногу жалам што токму оваа генерација во двата обида што ги имаше, сепак, не успеа да избори пласман на ЛОИ. Задоволство ми причинуваа и кошаркарите, прво предводени од генерацијата на Петар Наумоски и Врбица Стефанов, а потоа од Перо Антиќ, Тодор Гечевски и Владо Илиевски. Оваа генерација со малку поголема среќа можеше да приреди изненадување со освојување на бронзениот медал на ЕП во Литванија во 2011 година. За фудбалерите веќе да не зборувам, тие ми беа главна тема уште кога работев во „Нова Македонија“, крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години. Тоа беше времето кога Вардар предводен од легендарниот Џина Симоновски по едногодишно играње во Втората лига, во 1971 година повторно се врати меѓу прволигашите. Мето Спасовски, Кочо Димитровски, Ѓоре Јовановски, Драган Мутибариќ беа главните играчи. Тие ја дочекаа и генерација на Пепи Георгиевски, Гордан Здравков, Томче Трајановски, а тие, по една две години ширум му ја отворија вратата на големиот ас и голгетер Дарко Панчев. Токму авторизираната биографија за него, издадена од „Арс ламина-Литература“, ми се чини одигра главна улога, а јас како нејзин автор вторпат да ја добијам наградата „13 Ноември“ на град Скопје. Очигледно името Дарко Панчев има голема специфична тежина, не само во нашиот фудбал туку воопшто во нашето живеење. Како што вели во книгата академикот Владо Камбовски, Панчев не е само фудбалска туку тој е знаменита личност на оваа наша Македонија – рече Михајлов.
Михајлов зад себе има една богата, прво спортска кариера како атлетичар и рекордер, а потоа и професионална новинарска кариера. Сведок е на случувањата што ги пренесуваше и за македонската јавност од олимпијади, светски првенства, особено во атлетика, од европски првенства во повеќе спортови, меѓународните настапи на македонските спортисти и многубројни други турнири и квалификациски натпревари во фудбал, кошарка, ракомет, одбојка… Со еден збор, Зоран Михајлов има што да каже и што да напише. Г.И.
































