Новата премиера на театарот при домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци „Смртта на еден човек на Балканот“ работена според текст на Мирослав Марјановиќ вистински ја разбранува кавадаречката театарска публика која ја исполни салата на домот до последното место и по четртата реприза.

Станува збор за црна комедија за која преводот, адаптацијата и режијата се на Александар Малинков. Одличната поделба на улогите и прекрасната актерска екипа од претставата „Смртта на еден човек на Балканот“ уште еднаш потврдија дека кавадаречкиот театар пулсира во многу плоден и креативен период остварувајќи врвни театарски проекти чиј квалитет беше забележан и награден надвор од границите на Македонија.

Црната комедија „Смртта на еден човек на Балканот“ всушност ги истражува рамнодушноста и апсурдот на современото општество преку приказната за човек кој извршува самоубиство во својот стан, се разбира адаптирана на денешното време и на овие простои за полека со развојот на дејствието се открие една поширока сатирична слика на нашето балканско општество кое нам ни е многу добро познато.
Имено осамен композитор извршува самоубиство пред камерата од својот личен компјутер. Привлечени од звукот на истрелот во неговиот стан доаѓаат неговите комшии и тука поминуваат време додека чекаат да стигне итната помош. За цело време нив ги снима камерата од компјутерот за што тие не се свесни. Случувањата на сцената попримаат сосема поинаков тон кога ќе сватат дека камерата е вклучена и дека цело време ги снима.

Во претставата играат: Диме Коцевски, Видан Станоев, Диме Боцев, Сузана Димова, Елена Илова, Благица Боцева, Сашко Орешков, Никола Колев, Томе Атанасов, Петар Јованов Драган Кабранов, Алекдандар Видиков, Цветанка Прочкова, Слободан Прочков и Александар Малинков.
Мирјана Мукаетова



































