Македонскиот јазик и македонистиката иако веќе 80 години се проучува и се штити во македонската држава како службен јазик на македонскиот народ и на македонската држава, сепак, секогаш има предизвици. Во овој момент најголем предизвик ни е употребата на странските зборови и желбата на младите, модата да зборуваат на еден од светските јазици, изјави денеска директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“-Скопје. проф. д-р Елена Јованова – Грујовска пред отворањето на 10. Отворени денови на оваа научна институција.
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“-Скопје од денеска до петок ги организира 10. Отворени денови, со кои ќе биде одбележан и Светскиот ден на науката – 10 Ноември.
Тоа, како што појасни, го гледаме дури и во меѓусебна комуникација, за жал, но, исто така го гледаме и кога разговораат со родителите.
– Иако зборуваат на македонски јазик, употребуваат премногу странска лексика. Додека е на лексичко ниво, ќе речеме дека може да биде минлива категорија, минлив процес. Меѓутоа навлегувањето во рамки на граматичкиот систем е веќе голем проблем затоа што на тој начин всушност се влијае на структурата на јазикот и затоа што ваквите промени, ние сме виделе и преку балканскиот јазичен сојуз и преку други ситуации дека остануваат. Самата мода на употреба на некои зборови може да биде минлива категорија. Сметајте дека секоја генерација, еве мојата генерација, си имаше свој жаргон, свој сленг итн. Денес тоа е смешно да се слушне. Доколку така влегуваат англиските зборови во разговорниот јазик немаме проблем. Францускиот јазик исто во 19 век бил јазик со престиж, а сега англискиот го гледаме, за жал, како јазик со престиж – појасни директорката Јованова – Грујовска.
Според неа, мора да има свест и меѓу новинарите, наставниците и родителите и тоа да се пренесе на младите генерации – македонскиот јазик се зборува само овде во независна Македонија и македонскиот јазик ќе постои додека ние го употребуваме.
Студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, од Катедрата за македонски јазик, пак, изјавија дека уште од мали имале љубов кон пишување и изучување на мајчиниот македонски јазик и апелираа дека треба да продолжи негувањето, чувањето, изучувањето и надградувањето на македонскиот јазик за следните генерации. Според нив, во моментов има интерес на нивниот факултет и годишно се запишуваат околу 20 студенти. Тие во иднина се гледаат како наставници по македонски јазик.
Во рамки на 10. Отворените денови ќе бидат одбележани неколку јубилеи: 80 години од усвојувањето на македонската азбука и од објавувањето на првиот македонски правопис во македонската држава, 100 години од излегувањето на „Абецедарот“, како и неколку годишнини од раѓања на македонски лингвисти – 100 години од раѓањето на Трајко Стаматоски, 105 – Божидар Видоески, 80 – Зденка Рибарова и 60 години од раѓањето на Убавка Гајдова.
Во рамки на оваа манифестација е отворена изложбата „Цвеќе на мирот“ од Живко Поповски – Цветин.


































