Изложбата насловена „Порцеланови луѓе – Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан ’Борис Кидрич’ во Титов Велес – 1954-2003“ ќе биде поставена денеска, во 19 часот, во Ликовниот салон при Народниот музеј во Велес.
Изложбата е резултат на истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски. Автор на фотографиите е Александра Костадиновска. Проектот е во организација на здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје, во соработка со ЛУ Народен музеј-Велес и Државен архив на РСМ-подрачна единица Велес.
– Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам. Благодарност и до Дејан Атанасовски, директорот на Комерцијална банка – филијала Велес, за поддршката и разбирањето кон значењето на културното наследство како темел на општествената меморија. На изложбата преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, се обидуваме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес, бидејќи таа претставува не само индустриски туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите уметници што дејствувале во рамките на овој производствен капацитет. Ги претставуваме уметничките биографии на дизајнерите уметници Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други, кои во периодот од 1955 година до крајот на 1990-тите биле дел од декорното, односно подоцна од 1971 година, дизајнерско одделение на фабриката – информираат организаторите на изложбата.
Отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина туку симптом на една поширока културна состојба – на „невидливоста“ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години од минатиот век, кога идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција. Организаторите појаснуваат дека идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и секое зачувано сведоштво, што уште повеќе ја оправдува идејата на авторите на проектот за истражувања врз основа на кои е создадена релевантна колекција на дизајнерски порцелански предмети од продукцијата на „Југопорцелан“.
– Постоењето на „луѓе што паметат“ нам ни овозможи да ја реализираме целта – да се погрижиме да ги зачуваме името и меморијата за фабриката и луѓето што го оставија забележано своето име меѓу страниците на нејзината историја, кои некогаш функционираа, мечтаеja, се радуваа, тагуваа, да ги направиме бесмртни, да не паднат во заборав. Патот на континуираното пронаоѓање, зачувување и заштитување на меморијата не е лесен, но најважно од сè е да се сеќаваме за да не забораваме. Без сеќавање не постои целосна човечка личност – дополнуваат Филип Фидановски и Јасминка Намичева. С.Ј.