Во Музејот на град Скопје денеска беше одбележан Денот на Обединетите нации, настан организиран во соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата.
Од Министерството за надворешни работи информираа дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбиа заеднички ја потврдиле посветеноста кон принципите на Повелбата на ОН и кон продолжување на соработката во насока на зајакнување на институциите, унапредување на човековите права, заштита на животната средина и исполнување на Агендата 2030 за одржлив развој.
– Овогодинешното одбележување има за цел да ја потсети меѓународната заедница на потребата од зајакнување на меѓусебната доверба и солидарност, особено во време на бројни предизвици што го засегаат секој дел од светот. По тој повод, Република Северна Македонија ја реафирмира својата посветеност на принципите и вредностите на Повелбата на Обединетите нации, на унапредувањето на човековите права, одржливиот развој и мирот, како и на континуираното партнерство со системот на ОН во земјата – велат од Министерството.
Министерот Муцунски нагласил дека како земја членка на Обединетите нации ја потврдуваме цврстата верба во мултилатерализмот, во меѓународното право и дека глобалните предизвици можат да се решаваат само заеднички.
Нагласил дека државата останува посветена на глобалните процеси и ќе продолжи да ги промовира клучните вредности на Обединетите нации и да биде доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели – унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста.
– Честитајќи го овој ден, уверувам дека остануваме посветен и доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на Обединетите нации – рекол Муцунски.


































