Да го срушиме митот за недопирливите преку соочување со правдата

  • Ако навистина сакаме правда, а не само привид на стабилност, тогаш мораме да го срушиме митот за недопирливите. Вистинската стабилност не се гради врз неказнивост и калкулации, затоа Хаг не е казна – тоа е прочистување. И ако Али Ахмети верува дека е чист, тогаш треба прв да побара да оди таму

Локалните избори се веќе зад нас. Полека стивна и еуфоријата, па време е да се сумираат впечатоците. Она што ги обележа овие локални избори, освен рутинираната победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, секако е и големиот стрмоглав пад на опозициската СДСМ, чиј кандидат не успеа да влезе во вториот круг во трката за градоначалник во Скопје. Но освен тоа, уште една важна работа е вредна за споменување. А тоа е падот на ДУИ, која заедно со СДСМ, веројатно е најголем губитник на овие избори. Општо е познато дека за стабилен и здрав развој на едно општество, колку што е потребна исполнителна власт, толку е потребна и силна опозиција, која би била коректор на власта. Но засега, оставки не видовме ни од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ниту пак од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Додека во СДСМ почнаа да паѓаат оставки, во ДУИ сѐ уште се тера како досега. Дваесет и четири години по завршувањето на конфликтот во 2001 година, Македонија до скоро живееше во сенката на една партија. Македонија и натаму живее со митот дека некои луѓе се над законот, дека некои „борци за права“ имаат дозвола за сè – од политичка уцена до историско преправање на вистината. На врвот на таа пирамида на недопирливост стои едно име: Али Ахмети. Иако земјата од петни жили се обидува да го гради својот пат кон ЕУ како мултиетничка демократија, нерешените прашања од минатото постојано се враќаат на површина. Во тој контекст, името на Али Ахмети – некогашниот политички лидер на ОНА и денешен партиски шеф со значајно политичко влијание, повторно е во фокусот. Прашањето што се поставува е: Дали меѓународната правда конечно го стигнува Али Ахмети за да пресуди дали има вина или нема за злосторства што не застаруваат?
Ахмети, човекот што во 2001 ја турна земјата во оружен конфликт, денес се претставува како „гарант на мирот“, како мудрец што ги држи конците на стабилноста. Но секој што има малку политичка меморија знае дека тој мир беше купен со страв, со уцени и со премолчување на вистината.
Недопирливоста на оваа партија и на нејзиниот лидер низ изминативе години виси како закана за правдата и владеењето на правото. Во текот на последните две децении, Али Ахмети изгради имиџ на „неприкосновен политички фактор“. Но токму таа недопирливост ја подрива довербата на граѓаните во правниот систем. Ако навистина живееме во правна држава, тогаш ниту еден политичар, без разлика на етничката припадност или военото минато, не смее да биде изземен од можноста да одговара пред суд.

Македонските семејства што ги загубија своите најблиски во конфликтот сè уште чекаат правда. Хаг, како симбол на меѓународната правда, би бил соодветно место каде што би можело непристрасно да се утврди одговорноста за злосторствата извршени за време на конфликтот. Ако Ахмети навистина нема што да крие, процес во Хаг би бил најдобриот начин да се докаже тоа. Во согласност со заложбите за Европа, лидерот на ДУИ, за доброто на својата партија, но пред сѐ, за доброто на државава, би требало да се соочи со вистината наместо да ја прикрива.
Патот кон ЕУ не е само економски или административен процес, тоа е и морална трансформација. Ниту една земја не може да биде стабилна ако својата историја ја покрива со тишина. Испраќањето на сите потенцијални сторители на злосторства, вклучувајќи го и Ахмети, пред меѓународен суд би било сигнал дека Македонија конечно е подготвена да се соочи со своето минато.
Во овој процес, кој неминовно и итно мора да биде спроведен, политичкиот баланс не може и не смее да биде изговор. Често се слуша дека отворањето вакви прашања би можело да ја разниша меѓуетничката рамнотежа. Но вистинската стабилност не се гради врз неказнивост и калкулации. Напротив, само преку правда и неселективност може да се изгради трајно помирување.
Испраќањето на Али Ахмети во Хаг никако не треба да се сфати како акт на одмазда, туку како потребен чекор кон историска правда и политичка зрелост. Македонија не може да оди напред додека не ги затвори своите отворени рани. А тоа нема да се случи сè додека не се утврди вистината, без оглед на тоа кој стои пред судот.
Повикот „Ахмети во Хаг“ не е етничка провокација. Тоа е цивилизациски тест. Ако Србите, Хрватите и Бошњаците можеа да ги испратат своите воени и политички лидери пред меѓународен суд, зошто Македонија би била изземена? Зошто еден човек треба да биде заштитен само затоа што контролира неколку гласачки проценти што одлучуваат кој ќе формира влада?
Ако навистина сакаме правда, а не само привид на стабилност, тогаш мораме да го срушиме митот за недопирливите. Хаг не е казна – тоа е прочистување. И ако Али Ахмети верува дека е чист, тогаш треба прв да побара да оди таму.
Држава што се плаши од вистината не може да биде демократска. А Македонија одамна заслужува вистина, без оглед чиј „херој“ ќе стане обвинет.