Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите. Ова го порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на отворањето на осмата регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
– Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2,6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260 отсто – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем – изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, како што потенцира, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање.
– Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар. Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна – подвлече министерот за дигитална трансформација.
Според него, намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава.
– Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација. Во следниот период, Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија – истакна Андоновски.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ), Нина Ангеловска Станков, пред почетокот на осмата регионална конференција за е-трговија изјави дека сѐ уште дигиталната зрелост на регионот е на ниско ниво и мораме да работиме за да ја забрзаме.
– Во просек 27 отсто од компаниите на Западен Балкан продаваат онлајн, но има нерамномерен развој. Ако имаме земји со 48 отсто, а Македонија има само 19 отсто од компаниите да продаваат онлајн. Во просек само два проценти од компаниите од Западен Балкан користат алатки за вештачка интелегинција, за подобрување на работата и продуктивноста и во е-трговија исто така. Во Македонија само еден процент од компаниите користат алтаки за вештачка интелигенција – рече Ангеловска Станков. Според неа, не сме доволно подготвени за да ги искористиме бенефитите за користење вештачка интелигенција.

































