Фото: Принтскрин

Дискретна посета на директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, на Брисел

  • Целта на посетата на директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, на Брисел била да се смират грижите и да се потврди посветеноста на Вашингтон за споделување разузнавачки информации, бидејќи некои европски престолнини стануваат несигурни во врска со насоката на американската надворешна политика под претседателот Доналд Трамп

Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, минатата недела имаше дискретна посета на Брисел, каде што се сретна со врвни безбедносно-разузнавачки претставници на ЕУ за да пренесе не толку суптилна порака: Ние сме врвни шпиони, но сè уште можете да ни верувате.
Ратклиф се сретнал со шефицата на европската дипломатија Каја Калас, како и со високи претставници од Центарот за разузнавање и ситуации на ЕУ (ИНТЦЕН) и Дирекцијата за разузнавање на воениот персонал на ЕУ (ЕУМС), според три лица запознаени со состанокот.
Според двајца претставници на ЕУ, целта на посетата била да се смират грижите на Брисел и да се потврди расположението на Вашингтон сѐ уште да споделува разузнавачки информации, бидејќи, според анонимни изјави, „некои европски престолнини стануваат несигурни во врска со насоката на американската надворешна политика под претседателот Доналд Трамп“.
Промените во политиката на администрацијата на Трамп кон Украина, како што се наглото прекинување на споделувањето разузнавачки информации од бојното поле со Киев минатиот март и нејзиниот притисок за политизирање на разузнавањето со назначување лојални луѓе на Трамп, ја потресоа европската доверба во сигурноста на Вашингтон.
Ратклиф, поранешен републикански конгресмен од Тексас, ја изгради својата репутација како еден од најжестоките бранители на Трамп во Капитол Хил, особено за време на првата постапка за импичмент, кога го искористи своето место во Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом за да ја нападне истрагата.
Официјално, Ратклиф беше во Брисел за да го информира Северноатлантскиот совет, телото за донесување политички одлуки на НАТО. Но, неговиот спореден состанок со претставници од Европската служба за надворешни активности испрати јасен сигнал: Ленгли сака да ги држи отворени линиите со Брисел.
Состанокот веројатно нема да биде еднократен, туку се смета дека ваквите средби ќе станат редовна практика, според извори од ЕУ. Во коментар за „Политико“, портпаролката на ЦИА, Лиз Лион, рече дека Ратклиф се сретнал со европски претставници за да разговара за „развојни закани за трансатлантската безбедност“, како и за стратегиите за соработка за справување со тие закани.
Европските безбедносни служби работат на закопување на децениската недоверба за да изградат заедничка разузнавачка операција на ЕУ за борба против Русија, додека ги преиспитуваат своите договори за споделување разузнавачки информации со САД.
За потсетување, холандската цивилна и воената разузнавачка служба во свои изјави за холандскиот медиум „Де Волкскрант“ наведоа дека „прекинале некои размени на информации од разузнавачки карактер со САД“, истакнувајќи политичко мешање и загриженост за човековите права. Р.С.