Избори пред сто години и сега

„Ако сакате да живеете еден поднослив живот, ако сакате да има некој да ја брани вашата чест, да ви помага за патишта, шуми, чифлици, цркви, езера, даноци, тутуни и друго, тогаш нека не ве мрзи да одите на изборните места, донесете и свои пријатели и вашето ливче фрлете го во првата кутија, зашто само во неа има кандидати нашинци и од нашата партија.
Ако погрешите, го носите гревот на цела општина. А после тешко вам, зашто господ е цар високо и нема кој да ги чуе вашите маки“.
Редовите што ги прочитавте погоре во наводници не се цитирања од нечија сегашна кампања за избор на градоначалник на локални избори. Иако пораките до гласачите се слични на денешните, иако личат на она што го говорат кандидатите, тие не се од сегашната доба. Извадок се од еден предизборен проглас во општината Преспа објавен на 5 февруари 1925 година во Ресен, пред да се одржат парламентарни избори во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Значи пред поминати 100 години.
Тогаш територијата на сегашна Република Македонија (Северна) припаѓала на делот од Србија, доделена по Балканските војни и по Букурешкиот договор од август 1913 година. Била именувана како Јужна Србија, Стара Србија и Вардарска Бановина. Кралството СХС траело до 1929 година кога било преименувано во кралска држава Југославија.
Не пречи малку изборна историја за да може читателите да разберат со кои политичко–пропагандни пароли се убедувале гласачите да гласаат за својата партија, односно да не гласаат за спротивната. Најдобар доказ за тоа е наведениот проглас од 5 февруари 1925 година. Се разбира оригиналот бил на српски, службениот јазик на Србија, ние го објавуваме во превод на македонски. Иако повикот се однесува на парламентарни избори, сличностите се блиски со кои било други избори.

Драги граѓани!

„На 8 февруари оваа година се изборите за народни пратеници. Осми февруари е денот на кој Преспа треба да ја покаже својата свест и политичка зрелост или сама да се осуди да биде политички роб и поле за пљачка на разни несовесни луѓе!
Срамно е преспанци по третпат да погрешат зашто Преспа има славно минато и има свои интереси.
Од каква важност се тие пратеници што ќе бидат избрани на 8 февруари е излишно да се објаснува.
Досега, Преспа била пасторче – сираче, чии културни и економски интереси се заборавени и занемарени, а од секаде најмногу во Преспа се чувствувале бесот и корупцијата, дури и на најнекултурниот шумар.
Секаде е давана помош, секаде се правени услуги и добрини за подобрување на народниот живот, но не во Преспа.
А зошто? Кој е виновен за тоа? Никој друг, освен нашата несвесност, што нѐ распарчила и нѐ оставила без пратеник.
Покрај тие културни и економски наши интереси во прашање е нашето спокојство, а познато ви е дека никој досега не кренал глас на протест против разни неправди кај нас.
Познато ви е драги преспанци дека вашите интереси и вашата чест може да ги брани само човек кого сето тоа го боли и го интересира. А таков човек може да биде само нашинец.
Тука паѓа секаква демагогија и лага на секакви шарени и бојадисани ливчиња, што кај нас, злонамерно се лепат зашто кандидатите на тие шаренила се луѓе странци и туѓи на вашите маки и болки.
Тоа имајте го секогаш на ум и не дозволувајте им на лажни патриоти и шпекуланти да ве дразнат и да ве залажуваат со лажен демократизам, дека спротивната партија е за разбирање со сите Словени и со Бугарите.
Ништо модерно нема таа партија. Не давајте да ве лажат разни млади учителчиња со црвенилото на републиканизмот.
Бидете свесни дека кралот и државниот поредок, кој има војска и топови, не можат да се урнат со топчиња, а вие немате ништо повеќе, освен еден стап.
Секој што ќе биде нападнат има право да се брани, па и кралот и државата ќе се бранат ако вие нападнете.
Во една таква незгодна положба, бидете уверени дека тие млади луѓе што сега ве дразнат за свое задоволство, за џумбуз или само за ашколсун, после ќе ве остават и ќе си гледаат сеир отстрана.

Вие имате искуство од минатите години – на двапати ги наполнивте кутиите на туѓ човек и ништо не сторивте, освен пакост себеси.
На денот на изборите ќе имате единаесет кутии пред вас, но имајте на ум дека ни на едно шаренило на листата нема наши луѓе. За шест кандидатски места се грабаат 60 кандидати, а тоа покажува дека ве сметаат за несвесни.
Свестете се, бранете ги вашата чест и совест.
Ако сакате да живеете еден поднослив живот, ако сакате да има некој да ја брани вашата чест, да ви помага за патишта, шуми, чифлици, цркви, езера, даноци, тутуни и друго, тогаш нека не ве мрзи да одите на изборните места, донесете и свои пријатели и вашето ливче фрлете го во првата кутија, зашто само во неа има кандидати нашинци и од нашата партија.
Ако погрешите, го носите гревот на цела Преспа. А после тешко вам, зашто господ е цар високо и нема кој да ги чуе вашите маки“.
Од прегледот на хронологијата може да се заклучи дека овој текст е повик на Радикалната партија на Србија, блиска до кралот Александар Караѓоѓевиќ, предводена од претседателот на владата Никола Пашиќ, наводно Влав со потекло од Македонија, од тетовско Рогачево. Партијата победи на изборите, а Ресен за првпат доби пратеник во кралската скупштина во Белград.
Мојата намера не беше да држам некаков час по несреќната историја на Македонија за време на српско, туку да обрнам внимание на стогодишниот континуитет во пристапот, во лексиката и во мислењата за изборните процеси, како во тогашна Јужна Србија така и во сегашна независна Македонија. Историјата се менува, политичките системи и личностите исто така, но политичкиот изборен речник останува безмалку истиот. Исти се ветувањата на кандидатите, исти се разочарувањата на гласачите, во која било општина и во кој било систем да живеат. Мојата Преспа ја посочив само како далечен историски пример.