Големата раскрсница на Европа

Она што Брисел го бара од нас, а е спакувано во Макроновата преговарачка рамка, заедно со автогеноцидниот Протокол бр. 2 смислен од македонските јавачи на апокалипсата (Заев/Османи), е бласфемија на европското право што Македонија го усвојува. Бидејќи се очекува наскоро посериозно да се отвори темата за промена на македонскиот устав, ноември симболично може да биде почеток на суверенистичко скенирање на уставните дупки, нелогичности и дискриминирачки членови. Бидејќи Европа се подготвува за војна, а во војна секако дека се менуваат и границите, во тоа немаме дилеми ама никакви, суверенизмот е една од заштитите на државната територија, на целовитоста на државата. Мораме да ја браниме и да ја одбраниме македонската држава, а како еден маркер секако дека ни е уставниот акт од АСНОМ. Таму се и коренот на нацијата и темелот на државата и демократската визија на тие што гинеа за да имаме држава

„Војната заврши и сите слават, а јас повеќе немам емоции за славење; тие еродираат во ненадејните транзиции помеѓу бојното поле и реалноста на животот“ – од болното срце на еден војник.
Ова писмо е подолго, но го издвојувам само почетокот зашто го отсликува пеколот на војната – тие бојни полиња не се нашето колективно чистилиште (пургаторио), туку гилотина на која не се сечат (само) глави, туку се касапат душите. Знам дека звучи страшно, но не за сите. Некои не сакаат да размислуваат така, не мислат на децата, зашто најмладите први ќе заминат да се тепаат за некого и за нешто, многу ќе загинат, а тие што ќе се вратат… многумина како овој војник, ќе се вратат без емоции. Многу никогаш нема да бидат исти. Како човек што служел во ЈНА знам дека, иако никогаш не сум бил на фронт, војската ми остави доживотни сеќавања. Тоа е последица на тренингот. Замислете како е кога експлодираат гранати и фрчат куршуми околу тебе.
Трауми ни остави и таа наша 2001 година, конфликт по кој многумина не се вратија во својот секојдневен комфор, а некои и воопшто не се вратија на овој свет. Не се пронајдоа ниту нивните коски. Се родил, живеел и исчезнал во еден бесмислен, намерно предизвикан конфликт по кој нема никаков белег за неговото постоење. Каде неговата мајка, татко или сестра да запалат свеќа? Војната не е никакво прочистување, никаква победа, туку тешка болест и затоа велам – нека биде мир!
Нека биде, но одиме на пат за да не биде. Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, вели дека Европа се подготвува за војна, а Русија веќе е подготвена. Таа има предност во секој поглед, зашто најоптимистичките прогнози на Брисел се дека до 2030 година ќе бидат кадарни да се тепаат со Русите. Каде ќе отиде руската армија до 2030 година не се знае, а замислете од нивните фабрики само излегуваат нови и нови застрашувачки балистички оружја од типот на „орешник“ или „буревестник“. Цели градови можат да срамнат до темел. Европа сака да парира, се мобилизира, воено сака да ги надрасне Русите и другите конкуренти. Апокалипса!
Дека не само што мириса туку и опасно смрди на војна покажуваат заклучоците од неодамнешниот Совет на ЕУ: „Со цел да се зголеми капацитетот на европската одбранбена индустрија, Европскиот совет ги повикува земјите членки сè повеќе да ги насочуваат инвестициите во одбраната кон заеднички развој, производство и набавка, со поддршка на ЕДА… Инструментите САФЕ и ЕДИП треба целосно да се мобилизираат за таа цел… Европскиот совет ја нагласува важноста на тесната соработка со Украина и на нејзината интеграција и придонес кон европската одбранбена индустрија, особено во однос на иновациите во одбраната и најсовремената одбранбена технологија“. Во ова сиже јасно се гледа дека Европа сака да постигне еден стандард во вооружувањето, еден европски калибар за да се зголемат и функционалноста и интероперабилноста. Како дел од тој европски одбранбен чадор, и Македонија ќе мора да се шалта на тој систем, значи ќе купува од новото оружје. Купишта пари се тоа. Само во 2025 година, ако тоа се точни цифри, ЕУ на украинскиот фронт „инвестирала“ 20,5 милијарди, плус активирани (украдени) руски замрзнати средства од некои 177 милијарди евра. Американците, пак, велат дека инвестирале во тој конфликт над 300 милијарди.

Вртоглави суми, но да замислиме како ќе изгледа тоа во еден континентален конфликт. Трилиони ќе бидат во игра. Некои економии ќе се офајдат од војната, како што го направил тоа на пример фирерот Адолф Хитлер, кој успеал во наменската индустрија да најде работа за половина гладна Европа, но и да ја крене паднатата германска економија. Слични пресметки се прават и сега, само не ја знаеме идеолошката матрица. Но, и таа ќе се појави.
Она што е трагично е што за Украина не се зборува како поствоено општество туку за држава што ќе треба уште да војува, воената гилотина да ги парчосува украинските души. Малку ли беше крвавење?
Иако е неизвесно дали на шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, ќе ѝ помине новиот буџет од над еден трилион евра, многу од нив се предвидени за наменската индустрија и за одбраната, сепак европските држави веќе се насочија кон воените планови. Пари ќе снемува за социјалните проекти. Еве само еден пример од богатата Белгија – таму веќе е најавен план од идната година да им се укине социјалната помош на речиси 200.000 Белгијци, а на тој начин ќе се заштедат две милијарди евра. Така ли Европа ќе ја финансира војната? Да, тоа ќе стане секојдневие, а ќе расте гневот на сиромашните, особено на имигрантите, и тоа е атомската бомба што може да ја активира Европа, а некои ќе ја наречат – хибридна војна. Голем дел од таа сиромаштија се муслимани, па ако помисливме дека теоријата на Хантингтон за судир на цивилизациите е застарена, мислам дека сме се излажале. Гласот на политичарите низ европските престолнини вели дека таа маса имигранти не се интегрирале во општествата, не го знаат јазикот на државите, па за многу се подготвуваат и депортации. А што направија државите за да ги интегрираат тие луѓе? Ова е големата раскрсница на Европа.
И ова е само мал дел од милјето на Европа, во која ние сме зацртани, или обележани, како земја со замрзнат конфликт и ставена на фабричка лента за да ни стават нов код на новиот производ „северна Македонија“ и така да го решат за вјек и вјеков македонското прашање. Затоа што и Преспанската спогодба е за вјек и вјеков, конечна. Тие да го решат, а не ние. Тие да решиле за нас, а не ние.
Ќе чекаме да видиме дали моќниот говор во Париз на претседателката Гордана Силјановска-Давкова кога повторно побара принципиелен однос од Брисел за нашата евроинтеграција со почитување на Копенхашките критериуми (во суштина тоа се стабилни институции, владеење на правото, отворен пазар), а не и никако не заеднички истории, диктати, менување устав како што сакаат некои соседи, ќе наиде на позитивен одзив. Она што Брисел го бара од нас, а е спакувано во Макроновата преговарачка рамка, заедно со автогеноцидниот Протокол бр. 2 смислен од македонските јавачи на апокалипсата (Заев/Османи), е бласфемија на европското право што Македонија го усвојува.
Бидејќи се очекува наскоро посериозно да се отвори темата за промена на македонскиот устав, ете симболика, првиот на суверена и независна Македонија е усвоен на 19 ноември 1991 година, ноември може да биде почеток на суверенистичко скенирање на уставните дупки, нелогичности и дискриминирачки членови. Бидејќи Европа се подготвува за војна, а во војна секако дека се менуваат и границите, во тоа немаме дилеми ама никакви, суверенизмот е една од заштитите на државната територија, на целовитоста на државата. Мораме да ја браниме и да ја одбраниме македонската држава, а како еден маркер секако дека ни е уставниот акт од АСНОМ. Таму се и коренот на нацијата и темелот на државата и демократската визија на тие што гинеа за да имаме држава. Тие што ја дадоа крвта за денешна слободна македонска држава треба да бидат нашиот идеал за силна македонска суверена држава способна да ги издржи сите налети на неизвесностите што ни доаѓаат. Нашите основачи на модерна Македонија ќе се превртуваат во гробовите и знајни и незнајни ако еден ден се разбудиме и го одбележуваме 3 март (Санстефанска Бугарија) како државен празник „на припадниците што се дел од еден народ“.