Претседателот на македонското друштво „Илинден”- Тирана учествува на 69. Конгрес на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), кој вчера попладне почна во Болзано, Јужен Тирол, Италија.
Највисокиот собир на ФУЕН ќе трае до 26 октомври а домаќин е Јужнотиролската народна партија, како рамноправна членка на унијата.
– Да потсетам дека нашето друштво рамноправна членка е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства при ФУЕН – рече Ѓурѓај за македонскиот весник „Илинден”.
Присуствуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа.
Конгресот ќе се фокусира на дискусии за актуелните случувања во политиката на малцинствата, средбите со регионот домаќин и неговите модели за заштита на малцинствата, како и идниот развој на ФУЕН.
На сите досегашни Конгреси друштвото „Илинден” е редовен учесник и подносител на резолуции за положбата на Македонците во Албанија.
– И сега имаме поднесено резолуција за унапредување на правата на Македонците во Република Албанија. Очекуваме, како и претходните резолуции за положбата на Македонците да биде едногласно усвоена – нагласи Ѓурѓај.
Друштвото редовно има и свој штанд на саемот на учесниците, на кој презентира македонски традиционални јадења, пијалаци, како и примероци од весникот „Илинден” и монографиите со македонски народни носии од сите делови на Албанија.





































