Фото: „Нова Македонија“

Напредните кинески политики имаат глобално влијание

  • Во денешните турбулентни времиња и глобална нестабилност се очекува токму економското отворање на Кина во комбинација со научните и технолошки иновации да поттикне развој во повеќе области на глобално ниво и да отвори нови можности за меѓудржавна соработка

Стратегии и цели што би можеле да придонесат за значителни глобални промени во наредните пет години, неделава се обликуваат тивко и без сензационализам, при одлучувањето на политичкото водство на Кина, зад затворени врати во Пекинг, за нацрт-планот што ќе биде водичка за втората светска економија до 2030 година.

Во пресрет на четиридневниот состанок на кој учествуваат 200 членови со право на глас и 170 заменик-членови на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, беше истакната потребата за одржување на посветеноста кон висококвалитетниот развој, за фокусирање на научни и технолошки иновации, како и за понатамошно економско отворање на земјата.

Во денешните турбулентни времиња и глобална нестабилност се очекува токму економското отворање на Кина во комбинација со научните и технолошки иновации да поттикне развој во повеќе области на глобално ниво и да отвори нови можности за меѓудржавна соработка.

Економското отворање носи далекусежни придобивки

Определбата на Кина кон отворање со високи стандарди им нуди бројни можности на странски земји да ја прошират трговијата, да инвестираат во нови полиња, да соработуваат на развојни проекти и да ги зајакнат економските односи со азиската држава. И Македонија разгледува прилики за зголемување на извозот и за навлегување на овдешни компании на кинескиот пазар, односно за проширување на потенцијалните области за соработка помеѓу двете држави. Тоа беше забележливо на четвртиот Саем за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа за размена на стоки, одржан во кинескиот град Нингбо во мај, каде што беа присутни 14 македонски компании. Истовремено се очекуваат и нови инвестиции од Кина која генерално има интерес за вложувања во инфраструктурата, енергијата, зелената економија и во новите технологии.

Странските партнери имаат корист преку зголемениот пристап до кинескиот пазар и од дополнителните можности за инвестиции и трговија, а можат да пристапат и до производствените капацитети на Кина. Земјите во развој добиваат прилика да остварат зголемена побарувачка за нивните стоки, како што се на пример земјоделските производи. Тоа е можно преку трговските и глобални дистрибутивни центри што Кина ги воспоставува за да го поддржи развојот на логистичките капацитети.

Политиките во рамки на економското отворање поттикнуваат и технолошка соработка, при што земјите во развој можат да учат од кинеските практики и искуства како да воведуваат иновации во трговијата и да стекнат знаења за подобрување на логистиката, со цел да ја унапредат изведбата и да ги намалат трошоците.

Покрај тоа, иницијативата „Појас и пат“ обезбедува платформа за мултилатерална соработка во повеќе области како што се дигиталната економија, вештачката интелигенција, енергетиката и финансиите, што земјите-учеснички можат да ја користат за унапредување на инфраструктурата и за други развојни проекти.

Иновативноста води кон напредок

Иновативните практики на кинеските пристаништа претставуваат пример за користење на технологијата и науката во функција на економското отворање и поврзувањe со далекусежни ефекти. Притоа забрзаната модернизација и проширувањето на маршрутите за испорака на пристаништата создава нови врски помеѓу трговските партнери.

Иновативниот начин на работа на кинеските пристаништа доаѓа до израз во модерното здание во Чингдао, кое „Нова Македонија“ годинава доби можност да го посети. Пристаништето во покраината Шандунг во источна Кина се издвојува според автоматизираната технологија на терминалите, каде што роботи со сензори ги распоредуваат пратките. Стратегиски важното пристаниште на Жолто Море претставува клучна точка на Патот на свилата и за иницијативата „Појас и пат“, бидејќи има трговски врски со над 700 пристаништа во повеќе од 180 држави и региони низ светот. Згора, има потпишано договори за соработка со 36 сестрински пристаништа.

Пристаништето во Чингдао/Фото: „Нова Македонија“

Меѓу десетте светски пристаништа со најголем обем на работа, шест се од Кина, според рангирање од минатата година. А вкупно 52 пристаништа на кинеското крајбрежје ја сочинуваат водечката мрежа во глобални рамки според обемот на работа, ефикасноста и употребата на модерна технологија.

Кинеската наука и технологија имаат големо влијание во глобални рамки, при што  технолошкиот напредок на Кина се однесува на вештачката интелигенција, на роботиката, електричните возила и батерии, вселенските истражувања, а видно е забележлив и во секојдневниот живот.

Успехот на кинеската стартап-компанија „Дипсик“ во развојот на моделите базирани на вештачка интелигенција придонесува за диверзификација на светската технолошка сцена преку зголемена конкурентност, односно преку предизвикување на доминацијата на западните технолошки гиганти.

Фото: „Нова Македонија“

Глобалното влијание на Кина во роботиката се карактеризира со нејзината доминација како најголем светски пазар и нејзиниот брз раст во производството и воведувањето на машините во пракса. Тоа води кон напредок во автоматизацијата во производството и во синџирите на снабдување.  Кинеските компании изразуваат определба за меѓусебна соработка, со цел за создавање паметни хуманоидни роботи и за остварување на визијата за масовно производство на летачки автомобили.

Нивните определби се поткрепени од владините политики, големите инвестиции и растечкиот домашен пазар што го зголемува пазарниот удел за кинеските производители, влијаејќи на глобалните трендови во производството, логистиката и потенцијално други сектори.

Влијанието на Кина во науката и технологијата веројатно е најизразено во индустријата за електрични возила (ЕВ) што произлегува од позицијата на земјата како најголем производител и потрошувач во светот, што го преобликува пазарот и го поттикнува растот на извозот на ЕВ. Оваа доминација е изградена врз силната домашна побарувачка, фокусот на клучните технологии како што се производството на батерии и карактеристиките за автономно возење, како и од стратегијата на кинеските производители за развој на конкурентни и привлечни возила за глобалниот пазар.

Вселенската програма на Кина водена од Кинеската Национална вселенска администрација (ЦНСА) се позиционира како главен играч во истражувањето на вселената преку методичен развој и значителни инвестиции. Клучните пресвртници вклучуваат работење на сопствена вселенска станица, успешни лунарни мисии и напредно роботско планетарно истражување.

Вложувањата на Кина за истражување и развој се зголемија за 16 пати од 2000 година, а обликувањето на кинеската наука е постигнато со фокусирање на финансирањето, опремата и на кадарот. Затоа Кина денес е светски лидер во физичките науки, хемијата и наукитe на животната средина, а произведува и повеќе патенти од која било друга земја, иако голем дел од нив се за постепени измени во дизајните. Исто така земјата поседува завиден капацитет на опрема, вклучувајќи разни суперкумпјутери, како и најголемиот радиотелескоп во светот.

Новиот петгодишен нацрт-план на Кина би можел да биде одобрен на следниот годишен состанок на надлежното законодавно тело што се очекува во март идната година, по што ќе бидат соопштени деталите. Азија, а особено Кина се сметаат за клучни двигатели на глобалниот раст. Втората по големина економија во светот моментно се реструктурира, давајќи приоритет на висококвалитетното производство, дигиталниот развој и на зелените индустрии. А отвореноста на Кина e од големо значење, не само за нејзиниот сопствен економски развој, туку и за глобалните трговски процеси. Стратегијата за отворање на Кина исто така претставува доказ и за долгорочната визија и посветеност на земјата кон глобална економска соработка. М.Ж.