Прилепскиот Основен суд треба да постапува по поднесени барања за определување притвор за шест лица и за над 15 мерки за претпазливост и изрекување забрани за правни лица за учество во тендерски постапки – информираат од Основниот суд во Прилеп.
Овие мерки следуваат по поднесените барања од ОЈО Прилеп до Судот, во врска со сомнежите за милионска штета во прилепската болница.
Од синоќа па до утрово во прилепската полиција беа приведени повеќе од 20 лица, во врска со случајот со Општата болница во Прилеп, во која Финансиската полиција вршеше контрола за работењето.
Управата за финансиска полиција вчера постапила по наредби и насоки на Основното јавно обвинителство од Прилеп.
Според Основното јавно обвинителство, од април годинава, се постапувало во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, поврзано со финансиското работење на болницата.
Дејства преземала Управата за финансиска полиција и бил извршен претрес на осум локации во Прилеп.
Лани по стапувањето на функцијата сегашниот директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“, Кире Јоноски, во повеќе наврати на прес-конференција изјави дека биле забележани неправилности во финансиското работење на Болницата и дека има долг од речиси 193 милиони денари.
Подетални информации за случајот се најавуваат за подоцна во текот на денот.
Ка.М.




































