Фото: Пиксабеј

Сателитот на Јупитер, Европа, веќе со децении ги интригира научниците благодарение на неговите уникатни карактеристики, кои потенцијално можат да одржат живот. Оваа ледена месечина, еден од најголемите сателити на Јупитер, е обвиткана со слој мраз што покрива течен океан под неговата површина, што го прави еден од најсериозните кандидати за вонземски живот во нашиот Сончев Систем.
Иако нема директни докази дека постои живот на Европа, присуството на течна вода, хемиски состојки потребни за живот и можни хидротермални активности укажува на тоа дека на Европа можеби има услови слични на оние на Земјата, каде што животот постои во екстремни средини. Се очекува мисијата „Европа клипер“ да донесе повеќе податоци, кои ќе ни помогнат да одговориме на прашањето дали сме сами во универзумот или под ледениот покрив на Европа нѐ чекаат некои облици на живот.
Најзначајната карактеристика на Европа е нејзиниот подземен океан, за кој се проценува дека содржи двапати повеќе вода отколку сите Земјини океани заедно. Иако површината на Европа е покриена со дебел слој мраз, научниците веруваат дека поради внатрешното загревање предизвикано од гравитациските сили на Јупитер, под тој мраз се крие течен океан. Оваа теорија е поставена врз основа на податоците добиени од мисиите на НАСА дека најдлабоката позната локација на Земјината кора се наоѓа 11 километри под површината на Тихи Океан, додека месечината Европа на Јупитер има океани за кои се проценува дека се длабоки повеќе од 100 километри. Водата е клучен состав за животот каков што го знаеме, па присуството на течна вода на Европа, иако температурата на површината на сателитот е екстремно ниска, е една од клучните причини зошто оваа месечина го привлекува вниманието на астробиолозите.