Фото: Љубчо Алексовски

Новата книга на Јадранка Клисарова промовирана во Гевгелија

Во медијатеката на ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, минатиот четврток, на 9 октомври, се одржа промоција на книгата „Волшепства од детски чувства“ од Јадранка Клисарова, во организација на градската библиотека „Гоце Делчев“. Промотор на книгата беше македонскиот новинар, публицист, писател и уредник Мишо Китаноски. Тој, пред младите читатели, најнапред се потсети на својата прва љубов – книгата, а за новото остварување на писателката Клисарова истакна дека таа зборува за процесот на среќно растење и созревање на децата и за нивните чувства, љубовта, добрината, човекољубието и љубовта кон семејството, татковината и пријателите.
Авторката Клисарова е родена во Гевгелија и е авторка на голем број книги за деца од кои се издвојува „Децата од моето училиште“, збирка раскази за деца, која е и дел од лектирната литература во основното образование.
За својата книга „Волшепства од детски чувства“, авторката истакна дека таа им помага на децата да ги препознаат, да ги именуваат и да ги разберат своите чувства – да се соочат со нив и да научат дека сите емоции се дел од човечкото искуство. Мотивот за создавање на оваа книга го добила од своите ученици во текот на повеќедецениската работа во воспитно-образовниот процес.
Книгата, во издание на „Тримакс“, содржи 21 расказ, кои преку топли и блиски приказни ги истражуваат седумте најчести детски емоции: радост, љубов, љубомора, љубопитност, страв, гнев и тага. Секоја приказна е прозорец во срцето на детето – каде што чувствата живеат, се борат, растат и учат да бидат разбрани.,,Волшепства од детски чувства“ не е само книга – тоа е рака што нежно води низ внатрешниот свет на детето, со љубов, разбирање и топлина.
Јадранка Клисарова има објавено повеќе книги за деца и возрасни. Романот „Јато“ (2004), збирката раскази за деца „Ѕвездено јато“ (2009), сликовниците за деца „Новогодишен подарок“ и „Ѕвезда во ноќта“ (2009), романот за возрасни „Амајлија“ (2012), збирката „Децата од моето училиште“ (2015), книгите со раскази „Децата од моето училиште“ (2015), „Безбеден детски свет“ (2017), детскиот илустриран роман „Традицијата низ перото на баба“ (2018) и стихозбирката „Песни за секое дете“ (2019 г.).
Авторка е и на учебници по македонски јазик за ученици што следат настава на српски јазик во соседна Србија.
Како просветен работник несебично се залага за подем на образованието и на педагошката наука. Добитничка е на голем број награди, а во 2019 г. ја доби и титулата најдобар наставник во земјите на некогашна Југославија. Во 2017 година Клисарова ја доби и наградата „13 Ноември“ во областа на образованието и воспитанието.

Љ.А.


„Колибри“ се дружеше со учениците од ООУ „Владо Кантарџиев“

По цели девет години, „Колибри“ повторно долета во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија минатиот четврток. Ова модерно училиште, едно од најдобрите и најуспешни во земјава, и овој пат ги отвори широко своите врати за писателите и за нивните нови изданија. Во медијатеката на училиштето, дечиња од неколку одделенија дисциплинирано ја следеа промоцијата на книгата „Волшепства од детски чувства“ на Јадранка Клисарова. Учениците активно учествуваа со свои прашања и на авторката ѝ рекоа дека со големо задоволство ја прочитале нејзината претходна книга „Децата од моето училиште“. Освен учениците и нивните наставнички и сите вработени во училиштето, на чело со директорката Ружица Икономова, беа многу гостопримливи.
На дваесетина дечиња ние им го поделивме дневниот весник „Нова Македонија“, кој годинава одбележува 80 години постоење. Секој вторник дел од него е додатокот „Колибри“, кој излегува цели 67 години. Малку се навративме на историјата, прочитавме еден интересен текст на гевгелиски дијалект и добивме ветување дека наскоро до адресата на нашето списание ќе пристигнат литературни и ликовни творби од учениците.
А дотогаш на сите им посакуваме голем успех оваа учебна година и, секако, заедничка соработка.

М.Т.