Фото: МОН

Доделени признанија за најдобрите просветни работници во Македонија

Во рамките на првиот настан од кампањата „Магијата е во знаењето“, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветните работници на Македонија ги доделија признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година. Како што беше истакнато, овие награди претставуваат чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество што активно ја поддржува и ја вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и на стручните соработници.
Признанијата ги добија: Елеонора Костоска Јованоска – воспитувачка во ЈОУДГ „Наша иднина“ во Прилеп, Фросина Ангелова – педагог во ЈОУДГ „Мајски цвет“ во Скопје, Сузана Ќелешоска – наставничка по одделенска настава во ОУ „Мурат Лабуништи“ с. Лабуништа во Струга; Наташа Тодоровска – наставничка по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, Маја Митевска Поцева – наставничка по одделенска настава во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, Павлинка Вељаноска – наставничка по музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино, Милица Патраклиева – наставничка по географија во ОУ „Лазо Трповски“ во Скопје. Аница Б. Златевска – психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола и Јасмина Денковска – наставничка по информатика во СОУ гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово.
Настанот симболично беше одржан на 5 октомври – Денот на учителот – во домот на културата „Билјана Беличанец“ во населбата Кисела Вода во Скопје. Во присуство на стотина претставници на академската и наставничката заедница, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, проф. д-р Билјана Камчевска, и претседателката на Сојузот на просветни работници на Македонија, Лидија Николовска-Георгиевска, испратија порака дека токму наставниците се херои на нашето време. Тие не носат наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност, ја создаваат вистинската магија – ја пренесуваат светлината на знаењето кон младите.
– Да бидеш наставник не е само обична професија. Наставникот е човекот кому родителите му го доверуваат највредното што го имаат, за да му ја обликува иднината, односно да му пренесе знаења и вештини што се применливи, во чекор со времето, со науката, технологијата и потребите на пазарот на трудот. И токму тука почнува улогата на образовните политики, кои треба да обезбедат подготвен и мотивиран наставник, со морален и интелектуален авторитет, кој ќе успее да ја стекне довербата на учениците, да ги интригира и да им овозможи да го реализираат полниот потенцијал – рече министерката Јаневска.