Куманово го чествува празникот 11 Октомври – Ден на народното востание и 84 години од денот кога беше означен почетокот на народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава. Бројни делегации, предводени од Здужението на борците Куманово, градоначалникот на општина Куманово, делегација од Владата, од Собранието, од кабинетот на претседателката, Армијата, МВР, државни институции, амбасадори и претставници од амбасади, установи, политички партии, здруженија на граѓани, денеска положија цвеќе на Спомен костурницата во Куманово.
Пред присутните се обрати кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, кој повика да им се оддаде должна почит на борците од НОБ и повика на обврската, граѓаните од различните етнички заедници да се обединет во праведно општество, да се сочува Куманово и Македонија, богатата историја на државата и на Куманово како херојски и револуционерен град, кој долги години одржува мултиетничка средина за пример, преку хармоничен соживот на бројни етнички заедници.
-Денеска достоинствено одбележуваме 84 години од историското народно востание, сеќавајќи се на борците, кои ни подарија слобода и кои се светол пример за самопожртвуваност и истрајност во својата човечка намера, не водат по нашиот пат. 11 Октомври треба да биде поттик за надминување на сите пречки и поделби преку почит кон другиот, соработка и пријателство, кои ќе донесат напредок на сите, со цел да можеме да живееме слободно во сопствената наша држава. Да дејствуваме мудро во изнаоѓањето на реални и ефикасни методи, од причина што секој има право на подобар животен стандард. Македонскиот идентитет, историјата, јазикот и културата се нашето најголемо богатство и токму затоа треба да се бориме за обединување на сите граѓани, преку почитување на сите помеѓу себе. Да продолжиме да се залагаме за достигнување на европските вредности преку сплотеност, за развивање на нашата татковина на секое општествено поле, градејќи мостови за пријателство со сите, а не штитејќи туѓи интереси – рече Димитриевски.
На присутните им се обрати и претставник од здружението на борците и негови поддржувачи, Станко Тодоровски, кој се осврна на историјата и непроценливотo значење на 11 Октомври за Куманово и за државата.
-За денешна слободна Македонија, паднаа многу жртви и се положија млади животи, придонесот на Куманово во НОБ и антифашистичката борба е голем. Во четиригодишната борба загинаа 455 борци и 373 жртви на фашистичкиот терор кои ги вградија своите животи во темелите на нашата држава – рече Тодоровски.
Куманово достојно со бројни културни и спортски манифестации го одбележува 11 Октомври. Денеска ќе се одржат бројни настани на отворено изложба на олдтајмери, турнири во фудбал, пинг-понг, ракомет, атлетски митинг во атлетика, над десетина манифестации наменети за сите возрасти.
Спомен костурницата изградена е во 1957 година, централна положба е скулптура на жена со високо подигнато класје и обелиск и костурници во кои се сместени посмртните останки на загинатите во народноослободителната војна од кумановско.