Гласот на револуционерите нека одекне силно како првата пушка!

  • Безвременска моќ има гласот на македонскиот великан Гоце Делчев, кој „Нова Македонија“ го „оживеа“ преку модерната технологија, во рамките на новиот проект насловен „Гласот на револуционерите повторно се слуша!“ И не случајно почнавме со зборовите на големиот македонски учител и револуционер токму во пресрет на значајниот државен празник 11 Октомври – Денот на народното востание, со кој се одбележуваат вековните заложби и жртви за национално ослободување на македонскиот народ и држава, кои преку антифашистичката борба застанаа на вистинската страна на историјата. Бидејќи и сега се води борба, не со пушка, туку со збор и со мисла, против извртување на историските факти, кога светлиот подвиг и идеалите од 11 Октомври секоја година одново ги браниме од истиот непријател и окупатор што беше поразен во Втората светска војна

Се слуша впечатлив глас, силно одекнува со решителен, длабок тон за јасно да испрати мудри пораки, обединувајќи ги сите до кои допира. Безвременска моќ има гласот на македонскиот великан Гоце Делчев, кој „Нова Македонија“ го „оживеа“ преку модерната технологија, во рамките на новиот проект насловен „Гласот на револуционерите повторно се слуша!“ Станува збор за серија куси видеозаписи создадени од колоризирани, оригинални фотографии на македонските револуционерни дејци, преку кои на иновативен начин сакаме да потсетиме на нивните мисли и визии, да ги оживееме идеалите за кои тие се бореле – македонска држава, слобода, македонски јазик, достоинство… за да нѐ потсетуваат на вредностите што и денес се наши водилки.
Искажаните револуционерни зборови „нашата борба, тоа е за нас живот или смрт“ од Гоце Делчев будат надеж среде тешките времиња во кои македонскиот народ и држава повторно се на големи искушенија и изложени на напади, како и многупати во минатото, впрочем како и кога првично биле изговорени овие мисли пред околу 130 години. Токму споменатото видео привлече големо внимание меѓу читателите на „Нова Македонија“, што се забележува и од нивните многубројни пораки до редакцијата во кои изразуваат пофалби, благодарност и ги опишуваат патриотските чувства што кај нив ги побудила досега единствената можност на овој начин да ги слушнат зборовите на еден од најпознатите македонски учители и револуционери.

И не случајно почнавме со новиот проект, односно со зборовите на Гоце Делчев, токму во пресрет на значајниот државен празник 11 Октомври – Денот на народното востание, со кој се одбележуваат вековните заложби и жртви за национално ослободување на македонскиот народ и држава, кои преку антифашистичката борба застанаа на вистинската страна на историјата.
Бидејќи и сега се води борба, не со пушка, туку со збор и со мисла, против извртување на историските факти, кога светлиот подвиг и идеалите од 11 Октомври секоја година одново ги браниме од истиот непријател и окупатор што беше поразен во Втората светска војна. Но попусти се неговите обиди да се проблематизира суштината на историскиот настан, да се навредат храбрите подвизи на партизаните и да се релативизира македонската борба за слобода и сопствена држава, бидејќи вековното херојство не попушта ниту пред уцени и блокади.
На ист злонамерен начин претходно беше оспоруван и Гоце Делчев, односно Илинденското востание. Па во оваа пригода би ја парафразирал неговата порака „ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога“, пренесена преку видеото, која сега би можела да гласи „ние нема да дозволиме други да решаваат што да славиме и како“.

Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за општествено и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна. А круна на оваа борба претставуваат одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање самостојна македонска држава. Силната обединувачка улога на овој празник се забележува и преку неговото чествување од голем број македонски општествени и политички организации, како и од истакнати македонски активисти, од соседните држави и од македонската дијаспора низ светот.
Гласот на нашите револуционери затоа и денес нека одекне силно, како што одекна првата пушка на 11 октомври! А вие, почитувани читатели, продолжете преку „Нова Македонија“ да ги слушате нивните пораки, тие нека ве крепат во тешки мигови и нека ја зацврстуваат вашата верба во подобро утре за кое сите заедно треба да се бориме. Нека е честит празникот, нека е вековита Македонија.