Илустрација: „Нова Македонија“

Предизборната кампања почна во стандардно препознатлив стил

  • Она што станува повеќе од јасно е дека македонското општество веќе е доволно созреано и не може да биде залажувано со евтина предизборна реторика, односно граѓаните, свесни за својата улога, вистински да ја даваат и да ја одземаат власта и да бараат од кандидатите реални проекти што ќе го подобрат нивното секојдневие

Предизборната кампања за локалните избори официјално започна, па во следните три недели македонските граѓани ќе треба да слушнат што е она што партиите им го нудат како програма и проекти за да го заслужат нивниот глас.
Несомнено досегашните предизборни практики покажаа дека фокусот на кампањите во најголем дел се ставаше на оцрнување на политичкиот опонент наместо на она што секоја партија планира да го направи за некое маало, населба, општина и град, па со текот на годините ваквиот пристап ги претвори предизборните карвани во вистинска психичка тортура врз граѓаните, кои со душа чекаат што поскоро да поминат тие.
Она што станува повеќе од јасно е дека македонското општество веќе е доволно созреано и не може да се залажува со евтина предизборна реторика, односно граѓаните, свесни за својата улога, да ја даваат и да ја одземаат власта и да бараат од кандидатите реални проекти што ќе го подобрат нивното секојдневие.

Политичката свест кај граѓаните не се развива со црни кампањи

А токму граѓаните се тие што очекуваат од партиите по речиси четири децении независност на државата да покажат поголема политичка култура бидејќи никого не го интересира што една партија има да каже за друга партија, туку што тие како политички субјекти имаат да им понудат на граѓаните.
– Ако денот по утрото се познава, тогаш предизборната кампања пак ќе помине со меѓусебни оцрнувања наместо да слушаме за проекти и напредок. Градовите ни се дават во смет, горат депонии, шуми, населени места во 21 век немаат водоводи и канализации, јавниот превоз не функционира, нема доволно паркинзи, детски игралишта, тоа се реални проблеми што нас како граѓани нѐ тиштат. Што има ние да слушаме на секоја изборна кампања во ваше време беше така, во наше е вака и слично, а проблемите остануваат. Сакаме во предизборната кампања да слушаме што политичкиот субјект што го бара нашиот глас ќе направи за нас за да ни го подобри животот бидејќи очигледно сопствените животи си ги имаат во голема мера подобрено – вели Раде Билјановски, пензионер од Скопје.
Со сличен став е и Ружица Димовска, сметководителка, која истакнува дека на граѓаните предизборните кампањи им стануваат како стрес-тест.
– Прво нешто што го слушам од секој пријател што се видов е кој ќе ги издржи партииве во следните три недели. Спотови по телевизии на секои пет минути, билборди, митинзи… Многу навреди, клевети, инсинуации… А тоа е така бидејќи некои од партиите имаат навистина ниска политичка култура. Нам ни требаат партиите и за подигнување на граѓанската политичка свест. Да научиме нешто… А и пред официјално да почне кампањата, тие буквално цел август и септември тераат кампања, не се почитуваат ниту рокови ниту правила. Фршти цело време националистичка реторика, те овие локални избори биле референдум, те Македонија ќе ја снемало, те овие краделе, оние не се за Европа, овие за Русија и Кина биле, едноставно малтретирање на мозокот. Можеби треба да се донесе некаков закон со кој на партиите пред изборите ќе им се забрани да говорат за други партии, да шират национализам, да се закануваат и слично, туку фокусот да мора да биде само за нивните програми и проекти. Јас лично тоа сакам да слушнам како граѓанин, дали некој кандидат ќе ги поправи скаличките по кои одам секој ден, дали ќе ми ја исчистат кантата со смет што ми се прелева, дали некако ќе ги регулираат глутниците кучиња оставени по улиците за да не можеме без страв да поминеме и да ги испратиме децата во училиште, дали ќе се воведе рециклирање на сметот, впрочем дали ќе имаме вода во лето. Тоа е она што мене ме интересира, а за меѓусебните обвинувања што си ги разменуваат партиите, тоа нека си го разменуваат преку пошта, дури и медиумите не треба да им ги објавуваат или, ако веќе ги објавуваат, нека им ги наплатуваат и пред емитувањето нека кажат дека е платена партиска пропаганда – истакнува Ружица.

Партиите да ги фокусираат кампањите врз програмите и проектите

Дел од аналитичарите сметаат дека и партиите треба конечно да се свестат дека изборите се за граѓаните, тие таму треба да одберат понуда, а предизборниот процес е со цел таа понуда јавно да се презентира и образложи.
– Предизборните кампањи се одраз на ниската политичка култура што ја има во партиите, па затоа со години ни се случуваат постојано црни кампањи. Постојано се навредуваат кандидатите меѓу себе, се оцрнуваат, некои партии мешаат лончиња меѓу парламентарни и локални избори и градат наративи дека ако тие не дојдат на власт, државата ќе се распаднела, едноставно како да не сфаќаат која е функцијата на локалните избори. Со таквиот пристап всушност се создаде една одбивност кај граѓаните, кои повеќе не сакаат да слушаат меѓусебни партиски препукувања. Предизборната кампања треба да биде своевиден саем на проекти на кој граѓаните ќе можат да се запознаат со нив, да прашаат колку се тие реално остварливи, како ќе се направат, има ли пари за реализација, но и до кога би било тоа завршено. Кога некој го бара мојот глас, сакам да знам што ќе добијам за возврат и оваа свесност сега е присутна кај граѓаните, кои се уморни од празни ветувања. Затоа партиите мора да се свртат кон самите себе, да се насочат кон подобра промоција на сопствената програма и кандидатите што ги номинираат, наместо да трошат време како да го оцрнат опонентот – велат аналитичарите.
Политичкиот аналитичар и пиар-стратег Синиша Пекевски смета дека политичката супкултура во која се влезени и која ја практикуваат партиите општо, вклучително и во предизборието, е уште една дополнителна причина зошто луѓето сѐ повеќе се аполитични.
– Никој веќе не верува во политичарите и партиите, ниту, пак, во она што го кажуваат бидејќи по сите разочарувања не се убедени дека нешто ќе се смени во иднина – вели Пекевски, притоа додавајќи дека граѓаните од политичарите очекуваат лидер што цврсто и непоколебливо ќе застане за да го врати (одземениот однадвор) економско-социјалниот сигурен и безбеден живот на граѓанинот што го киднапираа „почитуваните европски политичари“, кои бараа од граѓаните да прават нешто против нивна волја, а доколку не се игра тоа сценарио, ги опструираа и локалниот развој и развојот на државата во целост. Секои избори се можност за раѓање лидери што ќе покажат храброст, знаење и умешност за да направат нов квалитетен исчекор само за своите граѓани, локалната самоуправа и следствено за државата во целост.