Дариус Конџи e лауреатот на „златна камера 300“ за животен опус и потписник на прекрасни кадри што говорат за неговата големина. Во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“, во преполното кино „Манаки“, тој одржа инспиративен мастерклас пред студенти, филмски професионалци и љубители на филмската уметност.

Мастеркласот на големиот Конџи во Битола беше вистинска можност за учесниците да се запознаат со неговото искуство, филмската филозофија и начинот на кој светлото, драмата и сторијата се спојуваат во неговите ремек-дела.

Конџи, кој е роден во Иран, а израснат во Париз близу Версај, својата љубов кон филмот ја открил уште како дете, кога со мајка си и сестра си редовно посетувал театар и кино.

Конџи говореше за почетоците со осуммилиметарска камера, но и за своите соработки со врвни режисери на светската сцена. Меѓу нив го истакна Дејвид Финчер и неговата работа на филмот „Седум“, која го оставила длабоко импресиониран.

Снимал насекаде во светот, а многу му се допаднала работата во Мексико.
– Пред неколку години работев во Мексико и потоа режисерот ми стана многу добар пријател. Навистина ги сакам земјата и народот и сметам дека таа земја е мошне моќна емотивно. Јас сум половина Персиец, половина Иранец, имам и француски дел во себе и често ми велат дека е чудна таа поврзаност со Мексико. Од она малку што имав можност да го видам од Македонија, почнувам да го имам истото чувство. Патував ноќе, и денеска кога се разбудив и кога го видов градот веднаш добив едно пријатно чувство – рече Конџи и посочи дека многу му се допаѓа македонскиот јазик и жали што не го говори.

Тој работи со различна опрема и камера и вели дека заедно со режисерот одлучуваат со каква камера ќе работи.

Конџи работел и на спотови со Нене Чери, Тејлор Свифт и Лејди Гага, но и на „Frozen“ на Мадона, со режисерот Крис Канинген и многу други.