- Македонците не се шокираа од смената на името, па нема да се шокираат ни ако нѐ нападнат со дронови, нема да се шокираат ни ако потпалувачите ни ја остават Македонија во урна, но ќе се шокираат кога од 1 јануари 2026 ќе почнат да ги ловат на камери поради сообраќајни прекршоци. Ќе биде тоа цивилизациски шок зашто со децении се создавани навики што тешко се отстрануваат. Верувам и сакам проектот на Тошковски да успее, но имам и нешто да кажам, еден сомнеж…
Ни доаѓа, драги мои, најголемиот шок. Почна од вчера, ќе се казнуваат и пешаци ако зборуваат на мобилен кога преминуваат улица (а кај нас се преминува улица како што козите се движат низ планина), но главното цунами ќе нѐ заплисне на почетокот на 2026 година. Нека ни е на здравје, ете стасавме и дотаму. Ќе ни се случи најголемиот културен шок, ќе ни ги извадат на нос нашите лоши навики со кои научивме да живееме. Е, дури сега ќе ни го менуваат идентитетот со кој надалеку сме познати. Не, нема да дојде шок од трета светска војна, ниту од упад на дронови, ни од делете ја парчете ја Македонија, како што предупредува Али Ахмети, или што Бугарите ќе влезат во Уставот, или што ќе ни ја остават Македонија во урна со пепел овие потпaлувачите, па ние не се шокиравме ни името кога насилно ни го сменија, не, ние не се шокираме од тие нешта, тоа се ситници за нас. За такви ситници ние имаме лек – жолта брат, жолтата е лек, иљач и решение. Но овој пат црна чума се задава над Македонијава. Која, каква црна чума?! За неа ни жолта не помагало, сега ќе ви објаснам…
Седиме едно избрано друштво Македонци, доселени од сите краишта на Македонија, во македонската црква во Квинбијан, близу Канбера, Австралија. Во Квинбијан врие од Македонци, сочинуваат над десет проценти од тамошното население, голем дел од нив се добро интегрирани, ги решаваат локалните избори, па нормално цифра се, некои шибаат и во своите академски кариери. Во црквата „Свети Илија“ владее пријатна атмосфера, а во делот за гости, каде што се одржуваат и концерти, има бифе, маса за билјард, но и мала библиотека и просторија каде што е сместено литературното друштво. Не се пуши! Една навика е отстранета, а да се разбереме, навиките си ги носиме со себе каде и да појдеме и понекогаш поради нив страдаме.
Како тоа таму успеало? Ако ги фатат како пушат, отиде „лајсенсо“ за работа. Кому му се исплаќа тоа? Никому. Лекцијата е разбрана. Им кажувам дека добив пликче на кое ми е пишана казна дека сум возел 48 километри на час во зона 40 (дента го смениле режимот, а јас мислев дека е 50, не се вози по навика!). Во писмото има и линк каде што можеш да се видиш снимен на камера во точно време кога си го направил прекршокот. Можеш да вложиш жалба, не ти ги земаат парите одма, но ќе ти ги земат.
Сепак, имаш право да се жалиш и да побараш да плаќаш на рати! Еееј, ми се обраќа Илија, да ти кажам право од платени казни можев да направам уште една куќа! Камери? Речиси секаде низ Австралија ги има. Таму каде што ги нема се поставени мобилни комбиња на кои е испишано „Вашата брзина е снимена“. И не само во Австралија, сум возел и во Америка, Швајцарија или во Германија, секаде камери. Во Сиднеј воведоа и камери што те снимаат толку детално што една госпоѓа поведе судски спор затоа што ја фатиле на камера со мобилниот во раце, но притоа и ги фатиле и гаќичките. Немам информација како одел судскиот спор, но поентата ми е на системот, кој не запрел, туку отишол уште подалеку во следењето на сообраќајот, во деталноста, прецизноста. Воведени се и специјални камери што детектираат дали си дрмнал неколку жолти. Кај нас за ова ќе речат – бегај бе, полициска држава! Не ми треба таков систем. Но тоа не е полициска држава, туку дел од намерата на полицијата да спроведува сериозен надзор за да спречи, а не да лечи. Не е полициска држава ако таа ги чува на високо ниво законот, поредокот и јавниот ред и мир, затоа што секој сака да биде безбеден.
Кај нас, најавено е дека овој цивилизациски скок ќе дојде на 1 јануари 2026 година. Среќна нова година, драги мои, а неа ќе ни ја донесе нашиот Дедо Мраз во ликот на министерот Панче Тошковски. Пакетчето се вика „Безбеден град“, но ќе има и безбедно село и безбедни автопатишта. Со воведувањето на овој нов систем, јас гарантирам дека ќе има масовно сечење вени, ќе биде шокантно. Не се искоренуваат навиките толку лесно, не се вади чипот од главата прекуноќ, ќе требаат тренинзи, и тоа за на Олимпијада. Што е важно? Камерите веќе се поставени, законот се крчка (малку бавно), веќе сме во преоден период, но народот никако да почне да вежба.
Дали тоа си вика – ај уште малку ќе возиме диво, па после по правила. Молам? Пробниов период покажува дека возачката култура ни е на опасно ниво, закана по безбедноста на сите. Во само еден ден на едно место биле фатени и по 60.000 прекршители! Статистички речиси сите прават прекршоци. Во Канбера за еден месец пробен период, кога се воведени камери за фаќање разговори со мобилен додека возиш, биле предупредени 30.000 возачи. Гледајте каде сме ние во Скопје. Шампиони брат, а! Ви велам, масовно ќе сечеме вени, МВР има да го наполни буџетот од казни за само еден месец.
Како изгледа еден просечен возач? Влегува во колата, пали, не става ремен, пушта светла, и тоа долги, вози и праќа СМС, буљи во другите коли кога запрел на семафор, гестикулира, влегува во еднонасочна и ти се заканува ти да се тргнеш, потоа се трка по улиците со другите, кои не знаат да возат (кој ви даде дозвола бе сељачишта)… По булеварот Партизанска се вози како на бубашваби да им пуштиш светло среде ноќ, никој не вози во лента, туку слаломски од една во друга, па во крајна… ооооп нема десна лента слободна. Некој се паркирал, вклучил и четири стоп-светла, а што решил со тоа?! Пие боза или кафе некаде покрај Партизанска, како да е Тито. Навика. А каде да паркирам? И јас кревам раменици, нема. Оди бе брат со точак. Леле, па тие со велосипедите. Каде да возат? На велосипедската пешаци, тротинети, па и понекое „веспуле“, оооп кочи, контејнер голем колку воз. Околу него ѓубриште. Доцниш, се нервираш, се караш…
Еве, да речам дека ова е едната страна од приказната, која со намера да се смени навистина ќе биде сериозен културен шок, ама тој е неминовен. Има сега тука еден проблем, како да се спроведе тоа. Во земјите што ги споменав каде што навистина има невиден надзор со камерите, патиштата се на ниво на совршенство. Добар асфалт, одлична сигнализација, исчистена околина, прегледност, сообраќајно инфо што те предупредува каде има проблеми, осветлување. Како ние ќе возиме кај нас, особено во Скопје и во градовите каде што автомобилите блокираат една лента од коловозот, каде што тротоарите се наменети за нивно паркирање, каде што нема добра сигнализација, каде што амбулантните возила или пожарните едвај се движат? Како ќе возиме, на пример од Струга до Охрид, каде што не знаеш во која дупка ќе пропаднеш, а навечер ако не го знаеш патот ќе утнеш. Ова мора да се среди, сообраќајот мора да се организира. Ако целта е безбедност, а не само собирање пари од казни, тогаш мора да се подготвиме добро, многу добро. А сега, во моментов не сме. Затоа мапирајте, мерете, создавајте простор, нови паркинг-места, нов сообраќаен режим таму каде што треба. Инаку, проектот „Безбеден град“ нема да успее, ќе биде мачење, фрустрација и создавање една култура на непотребен граѓански отпор. А многу сакам да успее, за да ѝ ставиме крај на таа наследена сообраќајна некултура создавана уште од времето на Југославија, на таа неказнивост или селективна казнивост, неодговорно возење, зашто прескапо го плативме ова дивеење по улиците, патиштата и друмовите. Мислам дека ќе треба и преструктурирање во полициските редови, оти сообраќајната полиција, освен на увиди, ретко кога ја гледам. Па така, нека ни е со среќа. Се надевам дека барем овој проект ќе успее. Му посакувам успешен проект на министерот Тошковски и тој ќе ја има поддршката од возачите што возат по прописи. Зашто ова што сега ни се случува, хмм, опасно е, се плаќа со човечки животи. Со најскапото и највредното.