Во Прилеп денеска започна дводневниот научен собир „Материјализација на мислата: идеолошките концепти зад културното наследство“ што го организира Институтот за старословенска култура од Прилеп, а на кој ќе учествуваат научници од Македонија, Србија, Бугарија, Грција и САД.

Обраќајќи се на отворањето на собирот д-р Александар Василески, директор на Институот за старословенска култура истакна дека темата се однесува на подлабоките значења на културното наследство, за кои современиот човек не е свесен или остануваат недоволно јасни под напластувањата на вековите.
– Разбирањето на подлабоките значења кои се содржани во градбите, во уметничките и пишаните дела, народните преданија и легенди, е битен предулсов за разбирањето на денешницата и на современата култура. Проучувањата на делата кои го градат комплексниот мозаик на културното наследство, од перспективата на повеќе научни дисциплини, а особено сублимирањето на добиените научни резултати ни даваат можност да добиеме заокружена слика за контекстот во кој настанале, за нивното суштествено значење, но и за безвременските пораки кои се вткаени во нив. Разбирањето на ваквите пораки ќе ни помогне подобро да ја разбереме нашата сегашност и подобро да се разбереме себеси – рече д-р Василески.
На собирот учесниците ќе дебатираат на разновидни теми со кои на оригинален начин ќе ги пренесат своите истражувања, кои ќе бидат солидна основа за размена на знаења, мислења и искуства.
Ка.М.