Мирослав Пендароски
Понекогаш, некои комбинации на особености, црти и способности во личноста на човекот создаваат неверојатни пермутации на произнесот во однесувањето, а уште повеќе во начинот на кој човекот размислува…Имено, во овој текст ќе стане збор за комбинацијата на два специфични и сложени личносни феномени: т.н. „eго-итрина“ и достоинство.
Сигурно се прашувате што се подразбира во овој контекст под поимот „его-итрина“?! Во народот овој поим најчесто се подразбира како мешавина меѓу она што се нарекува „улично школо“ (англ. „street wise“) и еден друг термин, кој овде намерно го избегнувам бидејќи сметам дека ги навредува луѓето од помалите средини, т.е. селата.
Знаеме сите дека селанец и по скопски кажано сељак не е исто нели! Нејсе, под овој поим јас подразбирам вид интелигенција, или когнитивна способност што не доаѓа од вистинско, автентично, сестрано и комплетно интелектуално совршенство, да речеме како приближно она што би го дало најдобриот тест за интелигенција, иако никогаш не сум им верувал на тестови целосно! Значи, таа способност на умот од когнитивна страна воопшто не е толку потентна, т.е. комплетна, но, поседува неколку компоненти што во одредени околности даваат силен резултат. Па така, човекот со его-итрина, на пример, е многу силен кога се брани себеси од каков било вид напад! Без разлика дали некој емотивно го навредува, понижува и сл. или, пак, оспорува некои негови ставови или позиции, тој, его-итрецот, одлично се брани. Т.е. во тие околности тој го употребува сиот свој интелектуален капацитет за да ја одбрани својата позиција и од чудна причина тој секогаш има потреба да биде во право… грчевито и страсно се бори да го докаже своето по која било цена и на кој било начин, бидејќи, очигледно, кај него не постои способност да поднесе пораз или да погреши! Во тие мигови на самоодбрана его-итрецот изгледа како закрвен воин, кој на маса ги изнесува сите неброени свои аргумент и ставови небаре е крај на светот, а притоа очите му светат од желба за победа, докажување, поразување на противникот, при што не се избираат зборови, движења, гестикулации и емоции, само и само да се освои победата. Значи, его-итрецот во тој миг ако го погледнете отстрана ќе ви изгледа како многу способен и интелигентен човек, се разбира, доколку суштински не го познавате. Освен тоа, тој блеска од самодоверба, обично секогаш е убеден во своите ставови и припаѓа на т.н. група луѓе „мојата вистина е највистинската!“ Обично во разговор често навидум културно го прекинува соговорникот со реченици од типот „види вака јас да ти кажам!“, „не, не е така, грешка си!“ и слично, притоа мавтајќи му со прстот пред очи на соговорникот и вешто, а сепак несвесно користејќи телесни ставови на надменост, наметнување и доминација… Интересно кај овие поединци е тоа што во миговите кога си го бранат своето г..е, тие умеат, ја имаат таа прагматична способност, абре во мигот да ги извадат сите можни објасненија додека очите им горат во потајната страст на наидувачкиот триумф. Со политичкиот жаргон би можеле да ги наречеме популисти, бидејќи за широкото граѓанство тие навистина изгледаат како вистински интелектуалци. Впрочем, ако направиме кратка анализа на припадниците од оваа група со кои живееме или, пак, подобро ги познаваме, онака интимно, ќе увидиме еден шкрипав и некомплетен систем на вредности и кадарности. Имено, тоа се луѓе што не се многу начитани, немаат доволно вистински информации, а изворите од кои ги црпат истите тие, во денешно време на сештологија, во најмала рака се сомнителни и на граница од сензационализам! Значи, тие се кралеви и кралици на драмата за забавување на обичниот свет, во колоквијална смисла обичен, од аспект на кадарноста за разбирање, а не од аспект на дискриминативност. Кога решаваат крстозборки многу поими не им се познати, а ако се најдат во друштво на луѓе што разменуваат информации за музика, филм, спорт и што и да е, а кои се добри познавачи, его-итрециве или избегнуваат дијалог или мавтаат со тоа малку што го знаат, користејќи ги своите неверојатни способности за генерализација и правење аналогии и паралели. На ова место треба да се разбереме дека овие не се исто што и навистина длабоките интелектуалци, кои имаат прагматична црта на личноста! Не! Вториве само имаат способност на околината на јасен, едноставен и обичен јазик да им пренесат појави и објаснат поими што се длабоки и тешки… Освен тоа, его-итреците имаат и своја расипана морална страна. Имено, тие не поседуваат внатрешен барометар за границите на другите луѓе и подготвени се да го употребат сиот арсенал само за да победат во за нив само реалните битки. Значи, тие одат по девизите „таков/а сум јас!“, „земи или остави!“ и сметаат дека имаат право на т.н. став на искреност со која сакаат да ги покријат сите директни навреди кон другите, само и само, нели, во името на вистината! А за која вистина, ве прашувам јас сега вас?! За нивната вистина, та нели, таа е највстинската од сите можни вистини… Тоа што некој самодоволно смета дека ја поседува сета вистина за нештата не му дава право да ја гази вашата вистина или макар правото на неа! Во народот што не ги разбира и познава суштински за нив ќе чуете нешто како „не е лош човек, само е директен и искрен!“ Накусо, нивната способност е единствено ограничена на одбрана на сопствениот „имот“… Тие немаат интерес во поголема, поширока, посестрана вистина… токму затоа, тие не успеваат да додржат во долга, смирена и исцрпна расправа за што и да било… во такви околности или напаѓаат или бегаат…
Вториот феномен, неговото височество достоинството, исто така е дијалектичен и комплексен поим/појава. Имено, под поимот достоинство можеме да подразбереме систем на уверувања во сопственото право да бидеме почитувани од другите и да се самовреднуваме кога настапуваме пред светот, ете така би рекол. Значи, да бидеш достоинствен значи да се почитуваш себеси, секогаш сигурно да настапуваш кога се претставуваш себеси, но, и да бараш и да имаш право на почит од страна на другите. И, сето тоа е во ред. Станува проблематично кога луѓето го мешаат достоинството со гордоста, особено со т.н. празна гордост, можеме да ја наречеме и горделивост. А, има ли попразна гордост од онаа што во себе не содржи достоинство?! И има ли полажовно достоинство кај оние кај кои гордоста е напумпана и лажна, неавтентична? НЕМА! Еве една метафора, замислете ја гордоста како надуен балон исполнет со ништо, со воздух, т.е. со празно достоинство. Замислете го пак достоинството како скапоцен камен чија форма е грда и невпечатлива. Нешто како темен незабележлив дијамант. Е сега, таквата празна гордост исполнета со неавтентично достоинство, природно дава една форма без содржина, т.е. тоа што се гледа не содржи квалитет. Од друга страна, пак, достоинството што е автентично, а не е означено со форма на гордост што автентично го претставува наместо празна горделивост, исто така ќе изгуби од својата вредност. Интересно е што кај луѓево што се его-итреци навидум постојат силно достоинство и изразена гордост, ама воопшто не е така. Кај нив напумпаната гордост/горделивост во себе носи едно мало, ситно, исплашено и речиси непостојно достоинство! Ќе прашате како?! Еве да објаснам. Како што рековме, нивната вредност не доаѓа од автентичен, оригинален и вистински квалитет на личноста и оригинална интелигенција, туку од систем на добро поврзани самоодбрани, кои имаат само една его-задача, да го одбранат поединецот. Токму оттаму, длабоко во нив се всадува едно полусвесно или сосема несвесно интуитивно сознание дека во суштина тие не се тоа што се претставуваат, а тоа повратно дејствува на постоење на едно слабо и непостојно достоинство! Оттаму, тие во суштина додека се пењават да се себедокажат, продлабочениот ум може да забележи дека тие само ги покажуваат својата маленкост, неспретност, неспособност, недостоинственост! Со целата оваа констелација, тие многу често несвесно се понижуваат себеси пред другите без да знаат и без воопшто да бидат свесни за тоа… Имено, се поставува прашањето – како можеш да победиш некој што е подготвен толку многу да се себепонижи за да не ја изгуби битката со себеси?! НИКАКО! Осуден си на пораз…
П.С. Мала анегдота: некој осамен и огорчен човек посетил некоја куртизана во јавна куќа. Бил подготвен да ја искористи и повреди жената на сите можни начини само за да си ги смири сопствената фрустрација и очај… куртизаната го погледнала и сосем смирено му рекла – „не можеш да ме повредиш онолку колку што јас можам да бидам расипана!“… и така, од век и веков останала поговорката – „попаметниот попушта“…