Потребни се разбирање, поддршка и професионална помош

Многу е важно да се промени наративот за самоубиството – наместо осуда кон лицата што имаат такви тенденции, неопходно е да им се понудат разбирање, поддршка и професионална помош, како и грижа за нивните семејства и најблиски. Често сведочиме на ситуации во кои општеството брзо ги осудува семејствата на таквите лица наместо да им помогне да се справат со траумата, вели проф. д-р Стојан Бајрактаров, меѓународен експерт за јавно ментално здравје, ментално-здравствени реформи и заштита на човековите права во психијатријата

РАЗГОВОР СО ПРОФ. Д-Р СТОЈАН БАЈРАКТАРОВ, ПСИХИЈАТАР, ПО ПОВОД 10 СЕПТЕМВРИ – СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД САМОУБИСТВА

Целта на Светскиот ден за превенција од самоубиства – 10 септември, кој беше воспоставен во 2003 година од страна на Меѓународната асоцијација за превенција од самоубиства (ИАСП) во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), е да се подигне свеста низ целиот свет дека самоубиството може да се спречи. ИАСП е посветена на спречување самоубиство и суицидно однесување и ублажување на неговите ефекти. СЗО проценува дека повеќе од 700.000 луѓе умираат поради самоубиство секоја година и дека речиси 77 отсто од сите самоубиства во светот се во земјите со ниски и средни приходи. Зад секое самоубиство има многу повеќе лица што се обидуваат да извршат самоубиство или имаат сериозни суицидни идеи. Од суицидното однесување се погодени милиони луѓе. Намалувањето на смртноста од самоубиства е од глобално и витално значење за јавното здравје.
По повод одбележувањето на Светскиот ден за превенција од самоубиства разговараме со проф. д-р Стојан Бајрактаров, професор по психијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и психијатар на Универзитетската клиника за психијатрија. Со повеќе од две децении искуство во менталното здравје, тој е еден од клучните двигатели на реформите во психијатриските служби во Македонија и регионот на Југоисточна Европа. Бајрактаров е препознаен како меѓународен експерт за јавно ментално здравје, ментално-здравствени реформи и заштита на човековите права во психијатријата, редовно учествува на светски конгреси и конференции, каде што ги претставува Македонија и регионот.

Десетти септември е меѓународен ден за подигнување на свеста за самоубиствата како значаен јавно-здравствен проблем. Дали сметате дека за ова прашање треба да се зборува секојдневно, како дел од напорите за создавање култура на превенција?
– Самоубиствата претставуваат сериозен јавно-здравствен проблем. За жал, поради стигмата, предрасудите и стравот, темата често се избегнува во јавниот дискурс. Со тоа директно се ограничува можноста навремено да се препознаат ризиците и да се преземат соодветни активности за помош на лицата што се соочуваат со вакви тешкотии. Овој предизвик не е присутен само кај нас туку и во многу развиени земји, како што се државите од Северна Европа, каде што проблемот е одамна препознаен и каде што владите вложуваат значајни средства и креираат национални стратегии за превенција.
Многу е важно да се промени наративот за самоубиството – наместо осуда кон лицата што имаат такви тенденции, неопходно е да им се понудат разбирање, поддршка и професионална помош, како и грижа за нивните семејства и најблиски. Често сведочиме на ситуации во кои општеството брзо ги осудува семејствата на таквите лица наместо да им помогне да се справат со траумата.
На пример, имаше случај на млад човек што си го одзеде животот, реакцијата беше првенствено насочена кон осуда на неговото семејство, неговите блиски, професорите…. Наместо тоа, токму заедницата требаше да биде извор на поддршка – преку советување, групи за самопомош и солидарност – со што би се спречила дополнителна траума и би се отворил простор за разговор, за превенција, за помош на лица во ризик. Затоа, не треба само на 10 септември да се зборува за оваа тема – таа мора да биде дел од секојдневните напори за градење култура на превенција, поддршка и човечка солидарност.
Промената на наративот околу самоубиствата често значи премин од молчење и стигма кон отвореност, разбирање и поддршка. Дали мислите дека општеството е подготвено за таква трансформација?
– Младите генерации се доста едуцирани во сферата на менталното здравје и подготвени се да бидат двигатели на промени, секако со силна поддршка од професионалците и од институциите. Министерството за здравство треба да има централна улога и да биде главен носител на овие иницијативи, преку развој и имплементација на национални програми и стратегии.
Во процесот мора да бидат вклучени и други клучни чинители: образовниот систем, кој може рано да ја гради свеста кај децата и младите; социјалните служби, кои имаат контакт со ранливи категории; локалните заедници, кои се првата точка на поддршка; како и невладините организации што веќе имаат искуство во ова поле. Не смееме да го заборавиме ни значењето на работодавците и бизнис-секторот, бидејќи менталното здравје е поврзано и со работната средина и продуктивноста.
Би ја истакнал како особено важна улогата на медиумите. Начинот на кој тие информираат за самоубиствата силно влијае врз јавната перцепција. Затоа е неопходно да се воспостави кодекс за одговорно известување – какви што веќе постојат во Англија (Samaritans Media Guidelines), скандинавските земји, Канада, Австралија – за да се избегне сензационализам и да се стави акцент на превенцијата и поддршката.
Причините за самоубиство најчесто се повеќеслојни – социјални, психолошки, биолошки и други. Кои фактори, според вас, се најчести во македонскиот контекст?
– Причините за самоубиства во македонскиот контекст се силно повеќеслојни и носат тежина бидејќи одразуваат длабоки структурни предизвици. Најпрво, по долготрајната транзиција и економската неизвесност, многу граѓани живеат во постојан страв за својата егзистенција и иднина. Социјално-економскиот притисок – сиромаштијата, невработеноста и масовната емиграција – внесува дополнителен товар во младите животи, создавајќи чувство на товар и чувство на безнадежност. Овој стрес се продлабочува преку доминацијата на политиката во јавниот дискурс, додека академската мисла, културата, спортот и уметноста често остануваат на маргините.
На тоа се надоврзува и семејната криза – кај нас се бележи драстичен раст во бројот на разводи, а сме на врвот на глобалниот ранг по стапката на разводи. Овој тренд укажува на сериозна криза на семејната структура, што влијае на вредностите и врските во семејниот живот, воспитувањето на децата и младите, градењето вредносни системи …
Психолошките и биолошките фактори – како депресија, анксиозност, зависности и хронични заболувања, кои се во голем пораст – уште повеќе ги зголемуваат ризиците. Сето тоа е дополнето и од стигмата, која и понатаму ги држи луѓето навремено да побараат поддршка.

Во ваква сложена реалност, очигледно е дека е потребен мултисекторски, интегрален пристап: образованието, социјалната грижа, здравствениот систем, професионалци, медиумите, па дури и бизнис-секторот и локалните заедници – сите мора да придонесат кон култура на поддршка, разбирање и превенција.
Според светските податоци, околу 720.000 луѓе годишно умираат поради самоубиство. Дали и во која мера сметате дека самоубиствата можат да се спречат? Кои се најефикасните пристапи?
– Иако не сите самоубиства можат да се спречат, голем дел е превентабилен со навремена интервенција. Најефикасни пристапи се раното препознавање и третман на депресијата и други психички нарушувања, намалување на стигмата и охрабрување на луѓето да побараат помош, како и развој на достапни и квалитетни услуги за ментално здравје. Важни се и образовните и заедничките програми што градат култура на отвореност и солидарност. Добар пример е Норвешка, каде што националната стратегија за превенција од самоубиства доведе до систематско вклучување на примарната здравствена заштита, училиштата и локалните заедници, со што бројот на самоубиства во последната деценија е значително намален.
Самоубиството е трета водечка причина за смрт кај млади на возраст од 15 до 29 години, а најголемиот дел од случаите се случува во земји со ниски и средни приходи. Како, според вас, може да се намали оваа „црна статистика“?
– Самоубиството е навистина една од најголемите закани за младите. Со поддршка на СЗО и УНИЦЕФ, во Македонија веќе постои Национална стратегија за ментално здравје на деца и млади, со акциски план што предвидува конкретни цели и активности за промоција и превенција. Клучно е да се развиваат професионални служби за ментално здравје за деца и млади, да се засили улогата на семејните лекари, како и да се интегрираат релевантни програми во образованието и социјалната сфера.
Важен аспект е и намалувањето на стигмата преку јавни кампањи, како и активно вклучување на семејствата и локалните заедници. Меѓународните искуства покажуваат дека ваквите интервенции, кога се координирани и континуирани, носат значајни резултати.
Со здружени напори – на институциите, професионалците, семејствата и заедницата – можеме да изградиме општество што не само што ќе ја намали „црната статистика“ туку и ќе создаде средина во која младите ќе се чувствуваат поддржано, вреднувано и исполнето со надеж за иднината, нешто што е навистина веќе главен приоритет, ако сакаме да го спречиме и трендот на одлив на младите, што всушност претставува „самоубиство“ на нацијата.


Импресивна дејност на проф. д-р Бајрактаров, член на Главниот одбор на Светската психијатриска асоцијација

Проф. д-р Стојан Бајрактаров бил два мандата член на Главниот одбор на Светската психијатриска асоцијација и координатор за Југоисточна Европа, а долги години соработува со СЗО во развој на ментално-здравствени сервиси во заедницата и зајакнување на правата на пациентите. Како резултат на програмата на СЗО со која раководел, во Македонија е воспоставен систем на ментално здравје во заедницата, со 11 центри за ментално здравје во заедницата – клучен чекор во преминот од институционална кон современа, заедничка грижа. Раководел со голем број национални и меѓународни проекти поддржани од СЗО, УНИЦЕФ и европски институции, со акцент на јавните политики, правото и етиката во психијатријата. Автор е на научни трудови во реномирани списанија и автор на повеќе книги, прирачници и упатства за ментално здравје.

Живко Здравкоски