Второто место му припадна на ФМ од Србија Љубомир Биљаниќ, а третото го освои Стевчо Георгиевски

ШАХ – ПРВ МЕМОРИЈАЛЕН ВЕТЕРАНСКИ ТУРНИР „БЛАГОЈА СОТИРОВСКИ–ЏАГУРЕ“

Македонскиот велемајстор (ВМ) и член на ШК Алкалоид, Звонко Станојоски (2.365, рангиран прв пред почетокот), го освои првото место на првиот меморијален ветерански турнир „Благоја, Сотировски-Џагуре“, кој ШК Ветерани Скопје 72, заедно и во согласност со семејството Сотировски и логистичка поддршка на ШК Алкалоид, го организираше во два дена во просториите на ШК Алкалоид. Организациониот одбор го сочинуваа Александар Сидоровски, Илија Стошевски и Љубомир Хаџи-Манев, а судија беше Иван Кочовски.
Меѓу на 32 шаховски ветерани (два ВМ, 1 ИМ, 4 ФМ), од кој еден од Србија, Станојоски освои седум поени од девет можни (шест победи, две ремија и еден пораз), колку и ФМ од Србија Љубомир Биљаниќ (1.116, рангиран шести), но со послаб дополнителен критериум, како и пораз од Станојоски. Трет е еден од основачите на ШК Алкалоид, Стевчо Георгиевски (2.080, рангиран седми), со 6,5 поени.
Турнирот мина во одлична организација, се играше со темпо 15 минути за партија со додавање 10 секунди по потег, почнувајќи од првиот по играч. Наградниот фонд обезбеден од семејството Сотировски беше 51.000 денари распореден на пет награди. Првиот доби 15.000 денари, пехар и медал, вториот медал и 12.000, третиот 10.000 и медал, четвртиот 8.000 и петтиот 6.000 денари.
Благоја Сотировски-Џагуре беше големо шаховско име на Македонија и трикратен првак (1951, 1953 и 1954). Како најмлад на 19 години ја освои првата титула (заедно со Оливер Николовски), што е ненадминат рекорд, а младинската во 1950 на 18 години. За само три и пол години играње шах настапи на првенството на Југославија, каде што го подели шестото-седмото место. Настапувал за ШК Градител и ШК Студент, а во САД играше на тамошните првенства и ја освои титулата ФМ на САД. Сотировски е роден во 1932, а почина на 15 мај годинава. Шахот беше и остана неизбришлив дел од неговиот живот. Г.И.