Ова не е признание само за мојот спортски пат туку е и признание за сите генерации спортисти, тренери и спортски работници со кои имав чест да соработувам во изминативе пет децении, истакна Миленкоски
ПРИЗНАНИЕ „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА ТРАЕН ПРИДОНЕС ВО СПОРТОТ
Министерството за спорт, на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија, вчера ги врачи државните наградите „8 Септември“ за посебни остварувања во областа на спортот. Доделени се награда за животно дело и четири еднократни награди за остварувања во спортот. Наградата за животно дело му припадна на проф. д-р Јошко Миленкоски, истакнат македонски одбојкар, универзитетски професор, долгогодишен одбојкарски тренер и актуелен селектор на македонската машка одбојкарска репрезентација.
Миленкоски како тренер предводеше врвни клубови и репрезентации во Македонија, Турција, Грција, Тунис и Црна Гора, освојувајќи шампионски титули, национални и суперкуп-трофеи, како и учества во елитни европски натпреварувања. Како универзитетски професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, автор на пет книги и повеќе од сто научни труда, активен учесник на меѓународни конгреси и член на Македонскиот олимписки комитет и на Македонскиот антидопинг-комитет, проф. д-р Јошко Миленкоски остави траен белег во развојот на спортот и образованието. Во 2016 година беше одликуван како спортски амбасадор на Македонија.
– Оваа година е година во која го прославувам својот јубилеј – 50 години во одбојката, без ниту еден ден прекин во мојата кариера. Над 10.000 тренинзи, повеќе од 2.000 натпревари, повеќе од 100 натпревари со македонската репрезентација на највисоко европско и светско ниво, повеќе од 100 објавени научни и стручни трудови, неколку книги по одбојка во Македонија и во странство, па до улогата на селектор и спортски амбасадор на Македонија, мојот живот беше и останува посветен на одбојката. Победував, но и губев, освојував многу трофеи и награди и признанија, повеќе од 50 медали и трофеи на национално и меѓународно ниво.
Сето тоа претставува мој заеднички успех со клубовите и репрезентациите што ги водев. Вложив многу труд и љубов во својата работа, а одбојката, мојата љубов и нашата сакана Македонија ми вратија многу повеќе. Денеска е најголемиот ден во мојот спортски живот и со огромна чест и длабока благодарност ја примам наградата за животно дело за остварувања во областа на спортот. Ова не е признание само за мојот спортски пат туку е и признание за сите генерации спортисти, тренери и спортски работници со кои имав чест да соработувам во изминативе пет децении – истакна Миленкоски.
Државна еднократна награда „8 Септември“ за остварувања во спортот добија четворица истакнати спортски работници: Хамид Бакија (боречки спортови), Зоран Николовски (фудбалски судија), прим. д-р Виктор Тевчев (спортска медицина) и Кирил Манев (новинар).
Наградите на добитниците им ги врачи министерот за спорт Борко Ристовски, притоа истакнувајќи задоволство како треба да се претставува спортот и државата, но и да се биде мотив за сите идни добитници, спортисти и спортски работници, се наведува меѓу другото во соопштението на Министерството за спорт. Г.И.