Зошто е потребно изучување на моралот и етиката во јавните училишта?

Европските искуства укажуваат дека интегрирањето предмети како Етика во религиите во наставните програми има клучна улога во поттикнувањето социјална кохезија и во развојот на меѓуверската толеранција. Таквите предмети овозможуваат систематско препознавање на заедничките вредности што се дел од различните религиозни традиции, како и критичко и комплексно разбирање на историските, уметничките и културните контексти што се тесно поврзани со религијата. Во таа перспектива, современите демократии одамна препознаа дека занемарувањето на религиозната димензија во образованието не само што води кон потценување на сопственото културно и духовно наследство, туку и кон губење суштински ресурс за формирање и одржување на општествената кохезија

ВОСПИТАНИЕТО – ГЛАВНА КОМПОНЕНТА ШТО НЕДОСТИГА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО (6)

Во врска со предметот Етика на религиите, имав чест да разговарам со коосновачката и координаторка на Асоцијацијата на професори по Етика во религиите, Ефимија Зајковска, докторантка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица. Притоа добив одговор дека државата има одговорност да ја препознае вредноста на религијата како чинител што придонесува за меѓусебна толеранција, разбирање, мир и културен дијалог.
– Во современиот демократски контекст, дилемата околу религиското образование во македонските јавни училишта останува отворена. Копјата се кршат околу принципот на секуларност, кој подразбира одвојување на државата од верските заедници. Сепак, овој модел на уредување на нивните меѓусебни односи никако не повлекува ригидна линија и не значи целосно исклучување на религијата од јавниот живот – особено не од образованието. Напротив, државата има одговорност да ја препознае вредноста на религијата како чинител што придонесува за меѓусебна толеранција, разбирање, мир и културен дијалог – истакна Зајковска.
Историјата покажува дека игнорирањето на верската компонента во образованието не води кон неутралност, туку кон нова форма на дискриминација – кон верниците и нивните права. Советот на Европа уште во 2007 година (Препорака бр. 1804) предупредуваше дека образованието е клуч во борбата против игноранцијата и стереотипите. Религиското образование, во тој контекст, не е закана за секуларноста, туку средство за изградба на отворено и демократско општество.
По Втората светска војна, социјалистичкиот режим во Југославија го исклучи религиското образование од училиштата, следејќи ја марксистичката идеологија, која ја третираше религијата како форма на заостанатост. Иако Уставот на ФНРЈ формално ја гарантираше слободата на вероисповед, во практика, верниците беа стигматизирани, а религиозната едукација беше потисната.
Со распадот на Југославија, повеќе држави, како Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, го вратија религиското образование во јавните училишта. Во Македонија, пак, веронауката накратко се врати во 2002 и 2008 година, но секој обид за нејзино етаблирање во јавното образование беше укинат од Уставниот суд, со образложение дека го нарушува принципот на секуларност. На крајот, во 2009 година беше воведен предметот Етика во религиите, како задолжително изборен предмет во шесто одделение, кој од секуларна перспектива ги обработува моралните аспекти на уставно признаените религии. Сепак, во новата концепција за основно образование (2021), овој предмет доби маргинален статус како слободно изборен, со што неговото позитивно влијание речиси исчезна.

Меѓународни документи и обврски

Правото на религиско образование е поткрепено со повеќе меѓународни документи: членот 9 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) гарантира слобода на мисла, совест и религија; членот 18 од Универзалната декларација за човекови права и членот 18 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права го вклучуваат правото на религиско образование како дел од слободата на вероисповед; Првиот протокол на ЕКЧП (членот 2) ја обврзува државата да го почитува правото на родителите да обезбедат образование за своите деца во согласност со нивните верски убедувања; Декларацијата на ООН од 1981 година ја потврдува обврската државите да не ги дискриминираат децата по основ на вера и да им овозможат верско образование во согласност со желбите на родителите.
Овие документи покажуваат дека религиското образование не е привилегија, туку основно човеково право, чија реализација не ја нарушува секуларноста, туку, напротив, ја зајакнува демократијата.

Образовни и општествени придобивки

Религиското образование во јавните училишта претставува значаен дел од воспитно-образовниот процес, особено во неговата етичка и морална димензија. Религијата не е само систем на верувања туку и носител на вредносни норми и културни традиции што ја обликувале моралната свест на човештвото. Преку религиското образование, учениците се запознаваат со суштинските одговори за смислата на животот, правдата, одговорноста и достоинството.
Во услови на глобализација, изразен индивидуализам, релативизација на вредности и општествени кризи, религиското образование може да понуди стабилен етички компас. Неговата цел не е догматско наметнување, туку развивање култура на дијалог, почитување на различностите и критичка етичка свест. На тој начин училиштето нема да претставува само место за стекнување знаења туку и за формирање личности способни да ја обединат интелектуалната зрелост со моралната одговорност.
Европските искуства укажуваат дека интегрирањето предмети како Етика во религиите во наставните програми има клучна улога во поттикнувањето социјална кохезија и во развојот на меѓуверската толеранција. Таквите предмети овозможуваат систематско препознавање на заедничките вредности што се дел од различните религиозни традиции, како и критичко и комплексно разбирање на историските, уметничките и културните контексти што се тесно поврзани со религијата. Во таа перспектива, современите демократии одамна препознаа дека занемарувањето на религиозната димензија во образованието не само што води кон потценување на сопственото културно и духовно наследство, туку и кон губење суштински ресурс за формирање и одржување на општествената кохезија. Затоа, религиозното образование во јавните училишта се третира како фундаментален инструмент, кој не само што обезбедува зачувување на националниот идентитет и традицијата туку и овозможува воспоставување меѓукултурна свест и промовирање демократски вредности.

Време е за нов пристап

Во плуралните и мултиетнички општества како македонското, религиското образование не смее да се гледа како обид за индоктринација, туку како алатка за воспитување граѓани со отворен ум, емпатија и разбирање. Тоа е особено важно за спречување фундаментализам, дискриминација и радикализација – ризици што се зголемуваат во средини без здрав и балансиран пристап кон религијата.
Во македонскиот контекст, религијата е тесно поврзана со културното наследство, па, оттаму, отфрлањето на религиозниот аспект во образованието претставува културна стерилизација. Македонското општество мора да ги надмине стравовите и идеолошките предрасуди од минатото. Во таа смисла, се очекува владејачката десно ориентирана демохристијанска политичка гарнитура да го изрази својот полн демократски капацитет и да ја исправи големата неправда настаната со кршењето на правото на религиско образование за децата од Македонија, како и да ја запре сѐ посилната дискриминација врз професионалниот кадар, обучен да го систематизира и предава овој вид образование во јавните училишта. Време е политичарите да разберат дека етичко-религиското образование е нераскинлив дел од демократската зрелост на една држава. Тоа не значи враќање на црквата во училиштата, туку обезбедување рамноправен пристап до образованието, кое ја опфаќа целината на човечкото искуство, вклучувајќи го и духовното.
Вклучувањето на религијата во јавното образование, во рамките на неутрални, секуларни и плуралистички принципи, ќе придонесе за изградба на граѓани што се способни да живеат заедно и да ја ценат културната и верската разновидност на своето општество. Тоа е не само легитимна туку и неопходна цел на секој современ образовен систем.
На крајот, наместо заклучок, би завршил со зборовите: доследно да го почитуваме и применуваме Светиклиментовиот дух како просветител и со морална и духовна вредност.
Да го почитуваме делото на светителот и чудотворец охридски Свети Климент, првиот словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа – најстара средновековна македонска книжевна школа, формирана во 886 година. Првиот словенски универзитет и најстар универзитет во Европа, од кој произлегле над 3.500 ученици идни учители, кои продолжиле да го описменуваат народот и ја преродиле културата во Македонија, а исто така низ сите словенски земји ги ширеле словенската писменост и наука. Свети Климент Охридски бил единствен и близок со луѓето морален и духовен човек и благодарение на неговата работа црквата станала чувар на верата, но и на националниот идентитет на народот. Тој ги насочувал учениците да напредуваат во знаење и во добродетелства, низ силата на животната неуморност и самопрегор кон постојано знаење и осознавање. Благословот на Свети Климент и љубовта негова нека бидат со нас.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

крај