Несомнено, дводневниот состанок во Копенхаген е уште едно јавно сведоштво за тоа колку Европа касно пали. Дури сега министрите ќе бараат начин како да ги променат работите кога веќе се поставија контурите на новиот светски поредок во кој реално Европа е на маргините или, попрецизно кажано, таа е во некаква позиција на подизведувач што треба сам да ги финансира проектите, а некој друг да ужива во плодовите од тоа. Е, тоа е Европа во овој момент најмногу поради неможноста да изгласа политики на иднината што ќе ја етаблираа како важен играч на светската мапа
Деновиве во Копенхаген се одржува многу важен состанок на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, на кој главна тема ќе биде како да се стокми нов пакет санкции за Русија и, што е најважно, тој да биде изгласан од сите за да може да помине.
Досегашната практика покажа дека во ЕУ одамна нема консензус за клучните прашања што се однесуваат на европската надворешна политика, но тоа досега и не им пречеше толку на бриселските бирократи, па затоа така ноншалантно го запоставија процесот на проширување правдајќи се со објаснувањето дека одлуките се носат со консензус. Затоа проширувањето беше запрено на неодредено, а Македонија остана во чекалницата повеќе од две децении без никаква шанса да се подотвори вратата на оние од големото европско добро утро.
И додека многубројните европски челници што ни доаѓаат во посета катадневно и натаму упорно повторуваат дека одлуките во ЕУ се носеле со консензус, се случи Украина. Одеднаш приоритетите на ЕУ се свртеа за 360 степени и Европејците почнаа да сфаќаат дека консензуалното одлучување можеби и не е најсреќното решение за Унија со 27 земји членки, особено не кога треба да се носат одлуки од интерес на ЕУ. Од друга страна, кога нешто не беше европски интерес, како проширувањето на пример, тогаш верглаа за консензусот и ни попуваа како промената на името или внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав било консензуално прифатено и без исполнување на тие услови нема напред.
Ама сега, кога ѝ гори на Европа под нозете и кога сака да ги истера работите во своја полза, може да се одлучува и без консензус, да се праќаат присутните на кафе-пауза за време на гласањето, да се бараат креативни решенија со минус еден или два гласа и слично. Таквиот пристап направи обичен лицемер од ЕУ, па од тие причини деновиве министрите за одбрана и за надворешни работи на состанокот во Копенхаген зад затворени врати дискутираат за промена на начинот на одлучување во ЕУ, од консензуално во гласање со квалификувано мнозинство.
Ако конечно се случи ваква промена, тоа дефинитивно ќе значи вистинско ослободување на Европа од стегите на билатералните хирови на некои свои земји членки за кои очигледно целите на иницијаторите на Втората светска војна сѐ уште не се постигнати.
И нормално е токму тие земји најмногу да се противат на каква било промена на начинот на гласање во Унијата, особено поради фактот што ќе ја изгубат главната алатка за уцена – ветото. А ако останат без тоа оружје, тогаш ќе нема со што да се пазарат со Брисел за да го тргнат ветото за одредено прашање. Единствена надеж ќе им биде поволната геостратешка позиција колку да не мора да одговараат на незгодните прашања околу домашната борба со корупцијата, владеењето на правото, обврските кон меѓународните институции и слично. Како и да е, тоа е нивна внатрешна работа и нека си тераат, барем нема да можат да ја кочат туѓата иднина и да ја обременуваат со прашања од минатото.
Несомнено, дводневниот состанок во Копенхаген е уште едно јавно сведоштво за тоа колку Европа касно пали. Дури сега министрите ќе бараат начин како да ги променат работите кога веќе се поставија контурите на новиот светски поредок во кој реално Европа е на маргините или, попрецизно кажано, таа е во некаква позиција на подизведувач што треба сам да ги финансира проектите, а некој друг да ги ужива плодовите од тоа. Е, тоа е Европа во овој момент најмногу поради неможноста да изгласа политики на иднината што ќе ја етаблираа како важен играч на светската мапа. Ако истата таа Европа уште на солунскиот самит се преструктурираше и го променеше начинот на гласање, тогаш ЕУ одамна ќе ги имаше дефинирано своите граници, а можеби немаше да се случат војните ниту во Грузија ниту во Украина. Балканот, пак, најмалку две децении ќе беше дел од Унијата. Една таква голема Европа, Европа на стандарди, критериуми и принципи, тешко дека некој ќе ја стави на ученички столчиња седната настрана како слуша што имаат да ѝ кажат големите. Колку сакаат нека се филмаат дека всушност тие само ги оставаат големите да се насанкаат и дека повторно ќе дојдат нивните пет минути, сепак не е така. Тие се многу повеќе како играч со добиен црвен картон, избркан на трибините, од каде што гледа како се игра финалето на Лигата на шампионите, без никаква можност да влијае врз играта.
Ако истата таа Европа уште на солунскиот самит се преструктурираше и го променеше начинот на гласање, тогаш ЕУ одамна ќе ги имаше дефинирано своите граници, а можеби немаше да се случат војните ниту во Грузија ниту во Украина. Балканот, пак, најмалку две децении ќе беше дел од Унијата. Една таква голема Европа, Европа на стандарди, критериуми и принципи, тешко дека некој ќе ја стави на ученички столчиња седната настрана како слуша што имаат да ѝ кажат големите. Колку сакаат нека се филмаат дека всушност тие само ги оставаат големите да се насанкаат и дека повторно ќе дојдат нивните пет минути, сепак не е така. Тие се многу повеќе како играч со добиен црвен картон, избркан на трибините, од каде што гледа како се игра финалето на Лигата на шампионите, без никаква можност да влијае врз играта
Повеќе од извесно е дека на состанокот во Копенхаген постарите и помоќни европски членки ќе соопштат дека консензуалното одлучување заминува во историјата, но тоа секако нема да се случи прекуноќ. Експертски тимови веќе работат на модели како да се спречи мајоризација, но во исто време и како да се обезбеди непречена имплементација на европските политики во иднина, кои сега се ставени во заложништво на одделни земји членки што секоја одлука ја условуваат со одредени отстапки во своја полза.
Тука некаде е и нашата македонска приказна, приказна на вечно чекање. Никој не знае дали ЕУ набрзо ќе се откаже од нефункционалното консензуално гласање, но факт е дека дискусиите за промена на гласањето зачестуваат. Сега и на повисоко ниво. Добра вест е дека пругата кон Бугарија ќе ја биде, добра вест е да продолжат и други инфраструктурни, образовни, здравствени, спортски и културни проекти меѓу двете соседни земји, а уште подобра ќе биде ако Бугарија почне да се однесува како промотор на македонските евроинтеграции како нејзин прв сосед. Тоа утре, во некои идни времиња, ако се промени начинот на гласање во ЕУ, ќе биде важно за нашиот заеднички интерес, да стоиме едни покрај други и да се поддржуваме во напорите да обезбедиме подобра иднина за целиот регион.