Доајенот на македонската глума Ванчо Петрушевски почина пред седум години, на 25 август 2018 година, на 67-годишна возраст, како последица од струен удар во неговата викендичка во Орешани.
Ванчо Петрушевски е роден на 19 април 1951 во Скопје. Веднаш по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година, се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде што неговиот раскошен талент го истакнал уште во првата претстава „Ослободување на Скопје“. Тој учествуваше во голем број радиодрамски проекти, телевизиски драми, серии и слично и зад себе остави големо наследство. Петрушевски беше еден од најпрепознатливите глумци на нашата сцена, кој беше неуморлив и по пензионирањето.
Најмногу го паметат по ликот на Рамче, ненадминат беше во претставите „Солунски патрдии“, „Женски оркестар“ и, секако, во „Македонските народни приказни“, кои му донесоа огромна популарност и во континуитет ги снимаше повеќе до 20 години. Уште од самиот почеток беше дел и од екипата на култната радиоемисија „Хихирику“. Но Ванчо беше извонреден и во толкувањето драмски ликови. Ќе го паметиме и по улогите во телевизиските серии: „Трст виа Скопје“, „Салон Хармони“, „Опстанок“, „Погрешно време“, но и по филмовите: „Тетовирање“, Ангели на отпад“, „Диво месо“, „Среќна нова ’49“, „Грев или шприцер“… Ванчо е и меѓу првите македонски актери што играле во странски игран филм, а за својата извонредна глума тој добил голем број вредни награди, меѓу кои е и највисоката „23 Октомври“ за животно дело, која му беше доделена во 2016 година, кога и се пензионира. Сепак, по пензионирањето играше во разни претстави, а меѓу неговите последни улоги е онаа во претставата „Буре барут“ во режија на Сашо Миленковски.