Со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски професионалци од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, денеска во Младинскиот културен центар (МКЦ) започна седмото издание на МакеКоПроДокс форумот – платформа посветена на копродукција на креативни документарни филмови во регионот.
Како што соопштуваат организаторите, првиот ден од форумот вклучува презентации на престижниот фестивал ИДФА и ИДФА Берта фондот, како и промоција на интернационални копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар. Активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
Форумот, кој се одржува од 25 до 27 август, обединува филмски автори, продуценти и експерти од Европа и Балканот, со цел да се поттикне соработката и развојот на документарната продукција. Годинашната тема „Кому му е гајле за реалноста?“ ги истражува креативните и етичките предизвици на раскажувањето во современиот медиумски контекст, истакна Сара Ферро, раководител на индустриската програма на „МакеДокс“.
На вториот ден се предвидени пичинг-сесии и индивидуални средби меѓу автори и продуценти, а вечерта ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши со презентација на проекти поддржани преку програмата „Креативна Европа“.
МакеКоПроДокс форумот е организиран од „МакеДокс“ со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Француската амбасада, Францускиот институт, Институтот за документарен филм, Интернационалниот Вишеград фонд, Гете институт Скопје, Грчкиот филмски центар и други партнери.