
Златко Михајлоски е сѐ поблиску до велемајсторската титула
ПРОБЛЕМСКИ ШАХ – ФИДЕ-АЛБУМ 2019-2021
Неодамна објавениот албум 2019-2021 на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го потврди високиот рејтинг на македонскиот велемајстор (ВМ) за шаховски композиции (ШК) Зоран Гавриловски, кој е на шестото место во светот ,со 39 проблеми (беше десетти за периодот 2016-2018 со 30 проблеми), а прв е Чехот Михал Драгоун.
– Во ова издание на официјалната антологија на шаховски композиции, интернационалниот мајстор (ИМ) за шаховски композиции Златко Михајлоски има 15 проблеми, вклучувајќи и коавторски, за кои освои 12,83 поени, а Иван Денковски има еден проблем. Во ФИДЕ-албумот, кој претставува официјална антологија на најдобрите шаховски композиции, кои се бодуваат за титули, се објавени 1.840 шаховски композиции, од кои 179 се шаховски студии, кои се бодуваат со по 1,66 поен, и решенијата се проследени со коментари, а за секоја од осумте групи има индекс на теми и поими – вели Гавриловски.
Селекцијата за ФИДЕ-албумот 2022-2024 почна со Светското поединечно првенство (СП) во составување шаховски композиции 2022-2024 (Гавриловски беше еден од петте судии во групата три потези), од каде што во албумот ќе влезат најдобро оценетите шаховски композиции, вклучувајќи 13 од Гаврилоски и четири од Михајлоски. Селекција продолжува во периодот 2025-2026 со оценување шаховски композиции од по тројца судии во осум групи, што се администрира од директори на групите (Гавриловски е директор за самоматови, група во која беше светски вицешампион за периодите 2016-2018 и 2019-2021).
– На вкупната листа на најзастапени проблемисти во ФИДЕ-албумите од 1914 до 2024 година води бугарскиот ВМ за шаховски композиции Петко Петков (1942-2024) со 524.75 поени, македонскиот ВМ за шаховски композиции Живко Јаневски е петти со 267,83, а јас сум 21. со 171,5 поени. Михајлоски со 61,83 поен се доближува до нормата од 70 поени потребна за титулата ВМ за шаховски композиции. Непроменето е бодовното салдо на ФИДЕ-мајсторите Никола Столев со 19,5 поени (за титулата ИМ за шаховски композиции му требаат уште 5,5) и Бошко Милошески со 13 поени, како и на Петре Стојоски 10,5, Тоде Илиевски 7,5, Љубомир Анастасов 1,5, Глигор Денковски 1,5 и Александар Поповски еден – рече Гавриловски. Г.И.