Фото: ЕПА

Милер, кој освои над 30 големи трофеи со Баерн, рече дека е мотивиран како и секогаш да освојува титули со својот нов клуб Ванкувер. „Не станува збор за освојување титули во минатото, туку за освојување титули во иднина. Тоа е она што ме мотивира. Отсекогаш сум бил натпреварувачки човек. Авантурата за мене е интересна само кога станува збор за шанса да се борам за титули“, вели Милер

ФУДБАЛ – ПО ТРАНСФЕРОТ ОД БАЕРН ВО ВАНКУВЕР

Томас Милер е во авантурата на својот живот со Ванкувер, бидејќи откако помина 25 години во гигантот од Бундеслигата, Баерн, поранешниот германски репрезентативец ужива во можноста да проба нешто сосема ново со пристапувањето на клуб од МЛС-лигата, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Една недела откако беше објавен договорот, Милер беше пречекан со одушевување на меѓународниот аеродром во Ванкувер, а тој се подготвуваше да го има своето деби пред преполниот домашен стадион на мечот со Хјустон Динамо, закажан за утрово. Светскиот првак од Мундијалот во Бразил во 2014 година одвои време да разговара со медиумите за да ги објасни причините за трансферот.
– Играв толку многу години во Баерн и во Европа. Многу сум горд на овој пат, но за мене беше време за нова авантура. А авантурата за мене е интересна само кога станува збор за шанса да се борам за титули. Ако го гледате Ванкувер сезонава, исто така и развојот во претходните неколку години, постои шанса не само годинава туку и следната година. Со нетрпение очекувам да пробам нешто ново, нешто свежо. Сакам да бидам на теренот што е можно поскоро, затоа сум тука. Се надевам дека ќе се адаптирам многу брзо. Не знам колку денови ќе ми требаат за да се приближам до групата, да се приближам до лигата – рече Милер, пренесе ФИФА.
Мајсторот на средниот ред се придружи на богатото наследство играчи од светски првенства во Ванкувер, вклучувајќи ги Алан Бол, кој ѝ помогна на Англија да ја освои светската титула во 1966 година, и легендарниот холандски дефанзивец Руд Крол, кој беше второпласиран со Холандија во 1974 и во 1978 година. Милер, кој освои над 30 големи трофеи со Баерн, рече дека е мотивиран како и секогаш да освојува титули со својот нов клуб.

– Не станува збор за освојување титули во минатото, туку за освојување титули во иднина. Тоа е она што ме мотивира. Отсекогаш сум бил натпреварувачки човек и моето тело се чувствува премногу добро дури и во оваа фаза од мојата кариера за да се пензионира – вели Милер.
Милер исто така се обидува да ги имитира другите германски ѕвезди, кои исто така се преселија преку океанот, вклучувајќи легенди како Франц Бекенбауер, Лотар Матеус, Јирген Клинсман и Бастијан Швајнштајгер. Пред неговиот трансфер, Милер разговараше со поранешниот играч од средниот ред на Чикаго, Швајнштајгер, како и со ѕвездата на Лос Анџелес галакси, Марко Ројс, дефанзивецот на Сан Хозе, Флоријан Јунгвирт, и напаѓачот на Њујорк ред булс, Ерик Максим Чупо-Мотинг, за нивните искуства од играњето во МЛС-лигата. Тој исто така го прашал својот поранешен соиграч од Баерн, Алфонсо Дејвис, кој ја почна својата кариера со Ванкувер, за тоа каков е животот во Ванкувер.
– Двојно проверив со Алфонсо дали градот е убав и дали луѓето се љубезни. Тој го потврди тоа – рече Милер, пренесе ФИФА.
Ветеранската ѕвезда е желна да генерира поголем глобален интерес за градот домаќин на Светското првенство в година.
– Многу е интересно да се биде во оваа лига. Во претстојната година со Светското првенство, Ванкувер е град домаќин. Можеби целиот свет сѐ повеќе го гледа Ванкувер како фудбалски град. Сакам да ја одиграм мојата улога во неговиот развој – рече Милер. Н.М.