Македонскиот стручњак го има вториот најдобар резултат во победи во регуларната сезона, 97, и е на добар пат да стане вториот тренер што ја достигнал границата од сто победи. Тој има три од петте најдолги низи победи во регуларната сезона во историјата на Националната женска фудбалска лига на САД… Порано сезонава Андоновски, тренер и спортски директор на Kанзас сити карент, стана четвртиот тренер што предводел тим на 200 натпревари во сите натпреварувања (регуларна сезона, плејоф, Челинџ-куп, Есенски серии, Летен куп итн.)
НАЦИОНАЛНА ЖЕНСКА ФУДБАЛСКА ЛИГА НА САД
Влатко Андоновски го имаше 200-от натпревар во регуларна сезона на Националната женска фудбалска лига на САД како тренер, во дуелот на Канзас сити карент на свој терен со Орландо (0-0), во 16. коло на шампионатот на САД сезонава и стана вториот тренер во историјата на лигата што ја достигнал таа бројка, пишува Канзас сити карент. Претходно сезонава Андоновски, тренер и спортски директор на Kанзас сити карент, стана четвртиот тренер што предводел тим на 200 натпревари во сите натпреварувања (регуларна сезона, плејоф, Челинџ-куп, Есенски серии, Летен куп итн.).
Македонскиот стручњак е единствен во посед на вториот најдобар резултат во победи во регуларната сезона, три помалку од 100, и е на добар пат да стане вториот тренер што ја достигнал границата од сто победи, пишува Канзас сити карент. Згора, Андоновски има три од петте најдолги низи победи во регуларната сезона во историјата на Националната женска фудбалска лига на САД.
Канзас сити карент остана во убедливо водство на табелата, сега со 40 бода, по ремито без голови дома со актуелниот првак Орландо. Голманката Лорена го имаше својот осми натпревар без примен гол во регуларната сезона на Националната женска фудбалска лига во 2025 година, истакнувајќи ја цврстата одбрана на тимот, која го имаше својот четврти последователен натпревар без примен гол и го ограничи Орландо на само вкупно пет шута, пишува клубот.
Сезонава Канзас сити карент одигра два меча со Орландо и има по една победа и реми, без примен гол.
Тимот на Андоновски, кој сезонава ги има најдобриот напад (32 гола) и најдобрата одбрана (10), е првиот клуб од Националната женска фудбалска лига што ја достигна границата од 40 бода годинава и е 15 бода од израмнување на рекордот на клубот, поставен во 2024 година.
– Мислам дека одигравме многу добар натпревар. За жал, не постигнавме гол, но тоа е сѐ што не направивме во овој натпревар. Дефанзивно мислам дека бевме солидни, го покажавме тоа уште еднаш. Одигравме натпревар без примен гол, што значи дека спречивме еден од најдобрите тимови, актуелниот шампион, да шутира четири пати. Мислам дека тоа беше брилијантно – рече Андоновски, пренесе Канзас сити карент.
Канзас сити карент води со 40 бода, а потоа на табелата се Сан Диего со 29, Орландо и Вашингтон со по 28, Портланд со 26… По 26 кола, најдобрите осум екипи ќе играат во плејофот. Н.М.