Фото: ЕПА

Дефинитивно ќе има дискусии за можни проширувања. Некои веруваат дека треба пообемно да го користиме ВАР во одредени ситуации, но има и други, кои сметаат дека не треба да се случува тоа, рече Хауард Веб, кој вели дека ИФАБ го разгледува начинот на кој функционира ВАР и дека е „отворен за дискусии“ за други употреби, пренесе „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Одлуките на системот видеопомошник-судија (ВАР) може да се прошират во иднина за да ги вклучи одлуки за жолтите картони и за доделување корнери, рече шефот на судиите во Англија, Хауард Веб, кој вели дека законодавецот во фудбалот, Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), го разгледува начинот на кој функционира ВАР и дека е „отворен за дискусии“ за други употреби, пренесе „Би-би-си“.
ВАР, кој функционира во Премиер-лигата од сезоната 2019/2020, во моментов може да интервенира само во она што се смета за одлуки што го менуваат натпреварот, голови, директни црвени картони, пенали и погрешен идентитет за покажан црвен картон.
– Дефинитивно ќе има дискусии за можни проширувања. Некои веруваат дека треба пообемно да го користиме системот видеопомошник-судија во одредени ситуации, но има и други, кои сметаат дека не треба да се случува тоа. Се обидуваме да го усогласиме користењето на ВАР со очекувањата на оние што се вклучени во англискиот фудбал, врз основа на консултации со гледачите, тренерите и со играчите. Пораката што ја добиваме е дека „помалку е повеќе“ со ВАР и доста добро се справивме со усогласувањето на нашето користење со тоа очекување. Системот видеопомошник-судија постои веќе седум години и речиси остана ист. Ако играта или вклучените луѓе ни кажат дека поголемата употреба би била подобра за играта, тогаш секако би бил отворен, но треба внимателно да размислиме за последиците, за брановите ефекти. Ако зборувате за жолти картони што се доделени неправилно, што би можело да има влијание врз играта, тогаш мора да размислите и за погрешно непокажани жолти картони. Го разбирам влијанието на погрешно досуден корнер што е очигледно погрешен, лесно се гледа на видео, и за влијанието на погрешно доделен жолт картон. Но, еднакво постои и чувство дека ВАР веќе постои за да ги исправи јасните грешки во големи ситуации, па затоа ќе ги имаме тие дискусии и ќе се погрижиме да се консултираме и со англиската фудбалска асоцијација – изјави Веб за „Би-би-си“. Н.М.