Новиот формат на натпревар на мешани двојки се игра пред турнирите во поединечна и во конкуренција на машки и на женски двојки, главниот турнир првпат ќе трае еден ден повеќе отколку досега, а одреден е и рекорден награден фонд
ТЕНИС
Тенискиот гранслем-турнир САД опен во Њујорк годинава првпат ќе почне в недела, понуди рекорден награден фонд и ќе има нов формат на натпревар на мешани двојки, кој ќе се игра пред почетокот на турнирот во поединечна и во конкуренција на машки и на женски двојки. Четвртиот годишен гран-слем ќе се игра од недела и турнирот, како и Отвореното првенство на Австралија и Ролан Гарос во Франција, ќе трае 15 дена, што значи дека првите кола во поединечна конкуренција за мажи и за жени ќе се играат во текот на првите три дена.
Организаторите на турнирот објавија зголемување од 20 проценти на наградниот фонд на Отвореното првенство на САД, па тој сега изнесува 90 милиони долари. Тој вкупен награден фонд е најголем од четирите гранслем-турнири. Шампионите на турнирот во машка и во женска конкуренција ќе добијат по пет милиони долари, вицешампионите по 2,5 милиони…, а учесниците во првото коло, пак, ќе добијат по 110.000 долари, што е зголемување, од 10 отсто, пишува „Би-би-си“. За победниците во двојки е предвидена награда од еден милион долари…
Ема Радукану и Карлос Алкараз се потврдени како учесници со вајлд-карта на годинашниот турнир во мешани двојки на САД опен, кој ќе се игра според нокаут-систем, пред главниот турнир, в среда и в четврток, каде што за победниците има награден фонд од еден милион долари, пишува британски „Телеграф“. Настанот ќе се состои од натпревари во два добиени сета, со кратки сетови до четири добиени гејма и без предност во гејмовите, па при резултат 40-40 гејмот ќе го добие двојката што ќе го освои првиот следен поен. Ако биде 1-1 во сетови, наместо трет сет, ќе се игра тајбрејк до 10 поени (со барем два поена разлика). Финалето ќе биде натпревар во два добиени сета, со сетови до шест гејма, пишува „Телеграф“. Н.М.