Александар Русјаков, ментор на работилница на „Преку езерото“

Годинава се случија две премиери од минатогодишната работилница на „Преку езерото“ во Дојран, беа прикажани два одлични кратки филма, а третиот е во завршна фаза на постпродукција. На работилницата Александар Русјаков им беше ментор на неколкумина студенти што ги прават своите први обиди за да напишат сценарио, а и да реализираат филм.
– Успехот од годинашната работилница се надевам дека ќе се случи следната година. Токму во рамките на 4. издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм беа прикажани два краткометражни филма што беа создадени минатата година. Студентите и дебитантите ги презентираат своите проекти. Потоа сите заедно нуркаме во длабокото, сè дури не ги затвориме сценаријата. По тој процес, тие влегуваат во продукција каде што им е сè обезбедено за да создадат професионално филмско дело. И оваа година имаме исклучително интересни приказни – објаснува Русјаков.
Наскоро ќе биде готов и третиот краток филм што лани се подготвуваше на работилница. Инаку, Русјаков веќе две години работи со млади луѓе и во библиотеката „Браќа Миладиновци“, а од септември ќе ја започне и третата.
– Издадовме една книга, а наскоро ќе излезе од печат и втората. Работата со млади креативни луѓе, вљубени во уметноста, идни творци, е животна радост. Таа работа просветлува. Не самото пренесување на знаење, туку нивната творечка сила. На сите им велам дека јас не можам да ги научам да пишуваат, творат, никој не може. Јас сум тука само да им ја разбуричкам фантазијата и да ги малтретирам да работат, работат и работат. На себе и на својата уметност. Талентот веќе им е даден, тие само мора страсно да ја обработуваат креативната почва – вели Русјаков.