Завршија превентивно –конзерваторските работи на вовчето Ќирчо, со што локомотивата и трите вагони се заштитија од штетните атмосферски влијанија.
Зафатот го изведе компанија од Кичево а средствата во износ од 100.000 денари ги обезбеди Министерството за култура и туризам.
– Вовчето Ќирчо лоцирано пред железничката станица во Кичево пред половина век, во изминатите три седмици целосно беше ревитализирано, а парите за оваа намена ги обезбеди Министертвото за култура и туризам, додека реализатор на овој проект е музејот „Западна Македонија во НОВ“ од Кичево. Со овој зафат извршена е целосна конзервација на оваа композиција, за да се спречи нејзино натамошно оштетување. Локомотивата се заштити од корозија, додека вагоните од скапување а на оние вагочиња на кои беа искршени прозорците и бравите, беа поставени нови – истакна Валентина Вељаноска, директорка на кичевскиот музеј.

Таа напомна дека најпрво оваа композиција била поставена непосредно пред влезот на железничката станица, за пред дваесетина години истата да се дислоцира на средината од тротоарот на главниот булевар, со поглед кон градот, и се добива впечаток како вовчето секој момент ќе се упати кон градскиот плоштад.
Од изведувачот на работите компанијата на браќата близнаци, Драган и Стојан Мицкоски од Кичево, посочија, дека во изминатите години оваа композиција била многу оштетена од неодговорни посетители. Искршени биле голем број на прозорци на вагоните, оштетени влезните врати и бравите а во вагончињата е насобрано многу ѓубре па дури и фекалии од неповиканите посетители.
Инаку вовчето Ќирчо на теснолинејката Кичево-Охрид сообраќало од почетокот на 1922 година се до 1966 година, а по пет години од овој настан, отворена е и новата железничка станица Кичево и изградена железничка пруга од нормален колосек која градот Кичево го поврза со Скопје. З.А.