Претставени се повеќе од 30 дела на избрани архитектки, образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри во поранешна Југославија – Белград, Загреб и Љубљана, каде што архитектонскиот модернизам навлегувал директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага
Голема архитектонска изложба отворена во Њујорк
Пред многубројна публика во Македонскиот културен центар во Њујорк беше отворена архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“, проект од национален интерес во културата за 2025 година.
Резултат на повеќегодишно истражување, изложбата пред американската и меѓународната јавност го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, со нагласок на нивната улога во модернизацијата на Скопје за време на постземјотресната обнова на градот. Истражувањето исто така претставува придонес и кон актуелната глобална дебата за улогата на жените во архитектурата и општеството, со цел да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство што тие им го оставиле на идните генерации.
На изложбата во Њујорк се претставени повеќе од 30 дела на избрани архитектки: Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова Костиќ и Росанда Мичева. Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри во поранешна Југославија – Белград, Загреб и Љубљана, каде што архитектонскиот модернизам навлегувал директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага, по враќањето во Скопје и работата во голем број проектантски организации тие извршиле силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ги модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.
Автори на изложбата се архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Истражувањето беше финансирано во 2021 година од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, додека реализацијата на изложбата во Македонскиот културен центар во Њујорк беше поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, Македонскиот културен центар во Њујорк, организацијата „Македонија 2025“ и „Континео 2020“.
Изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ ќе биде отворена за јавноста до 30 август.