Да се обединиме!

Денес кога некој постојано ни вели дека не постојат македонски особености, како што е македонскиот јазик или македонската историја, треба повторно да се обединиме без разлика на нашата партиска или политичка припадност. Но ова обединување не треба да биде обединување на македонските политичари, туку обединување на македонскиот народ. Во ситуација кога некој систематски и институционално дејствува во правец за видоизменување на македонската нација и создавање на една северномакедонска нација, треба и ние, како држава и нација, системски и институционално да дејствуваме. Со други зборови, обединувањето треба да биде врз научна основа, да ги послушаме и да ги сервисираме советите на македонската научна фела – универзитетски професори, историчари, филолози итн., бидејќи тие се експерти за македонската историја и за македонскиот јазик

Илинден како национален и државен празник не е само неработен ден. Тој е многу повеќе – ги афирмира и негува заедничкиот македонски идентитет и единство, ја прославува заедничката македонска историја, ги одбележува двата столба на македонската државност, ги почитува македонските херои што ги положија своите животи за македонската слобода и сѐ така до бесконечност. Илинден отсекогаш обединувал и ќе обединува, бидејќи овој празник е манифестација на националното отчукување на македонското срце, кое татнело низ вековите за слобода и правда. Димо Хаџи Димов, еден од великаните на македонската борба, дваесет години по Илинденското востание и дваесет години пред Првото заседание на АСНОМ ги искажа следните пророчки зборови: „Македонија го има својот прв Илинден, проследен од крвави денови на разорувања и тешки страдања… Таа ќе го има и својот втор Илинден… Тој втор Илинден е блиску, тој доаѓа. И тогаш останатите живи стари и нови илинденци братски ќе се прегрнат и ќе прославуваат за постигнувањето на идеалот, а духовите на загинатите нивни другари од тогаш и од денес, успокоени и среќни ќе се сретнат и ќе летаат над слободна и независна Македонија“.

Двата Илиндена, 2 август 1903 и 2 август 1944 година, се потврда за самобитноста и посебноста на македонскиот народ и неговата борба за слобода, самобитност и држава. Двата Илиндена ќе беа невозможни без обединувањето на сите чинители на македонските средини, односно без обединувањето ќе беа невозможни Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Во македонското движење, како и во секое револуционерно или национално движење, постоеја различни видувања за одредени прашања, но во клучните историски моменти секогаш македонските водачи смогнуваа сили да ги тргнат настрана разликите и да се обединат. Од обединувањето околу каузата за слобода, еднаквост и правда произлезе современата македонска држава.
Затоа не треба да се зачудуваме од зборовите на Димо Хаџи Димов, кој уште пред еден век го нагласи следното: „Плачот на Гоцета нека ја разотвори наполно таа долго очекувана пролет и во најскоро време одново да си подадеме братска рака како синови на Македонија, така како што некогаш околу Гоцета се чувствуваме како една челад и социјалисти, и анархисти, и националисти, зошто мислевме и дејствуваме само како Македонци, сите до еден и сите како еден.
Тоа братство, таа еднодушност и тоа единствено дејствување се особено неопходни денес, одошто кога и да било. Само братски сплотени за единствена борба во името на Гоцевиот идеал. Го повикувам духот на Гоцета, за да ни послужи тој како моќна повелба за полно помирување на браќата што се непријателски расположени еден кон друг и за полното и сестрано откинување од канџите и од мрежата на онаа политика чиишто носители најмногу придонесоа за распарчување и разурнување на Македонија и коишто и денес продолжуваат намерно да разгоруваат крвави омрази и страсти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја заштитиме од нови заговори и предавства. Браќа и другари, стари и особено млади! Сите по патот и примерот на Гоце! Сите под едно знаме! Сите во служба на Татковината! За неа се бориме! За неа да умираме! За тоа плаче тој“.

Денес кога некој постојано ни вели дека не постојат македонски особености, како што е македонскиот јазик или македонската историја, треба повторно да се обединиме без разлика на нашата партиска или политичка припадност. Но ова обединување не треба да биде обединување на македонските политичари, туку обединување на македонскиот народ. Во ситуација кога некој систематски и институционално дејствува во правец за видоизменување на македонската нација и создавање на една северномакедонска нација, треба и ние, како држава и нација, системски и институционално да дејствуваме. Со други зборови, обединувањето треба да биде врз научна основа, да ги послушаме и да ги сервисираме советите на македонската научна фела – универзитетски професори, историчари, филолози итн., бидејќи тие се експерти за македонската историја или македонскиот јазик.
На крајот ќе завршиме со зборовите на Крсте Петков Мисирков, кој јасно ни предочи: „Ние сме во состојба да го докажеме токму спротивното, а имено дека Македонците се најактивниот елемент од сите јужни Словени, па дури и поактивни и од Бугарите туранци низ сите средни векови до покорувањето на Балканскиот Полуостров од Турците и исто така како нив тие воделе најтешка, најдолготрајна борба за своето духовно и политичко ослободување во 19 и првата четвртина на 20 век. Нашите неуспеси како во средните векови така и во најново време се должат на причини што немаат ништо заедничко со националната свест и божемната невозможност за организирање на Македонците. Збирот од вековните услиби за културно издигнување и национално самозачувување на Македонците, почнувајќи 400-500 години пред појавата на српската држава на Немањичевците и продолжувајќи и во времето на засилувањето и опаѓањето на последнава заедно со нашите епски борби за црковна и политичка слобода во 19 и првата четвртина на 20 век, ја составуваат нашата македонска национална култура, нашата македонска историја“.