Фото: „Нова Македонија“

Со овој триумф ИМ Дешмук автоматски ја добива и титулата ВМ и станува една од ретките шахистки во историјата што ја постигнале со освојување голем настан на ФИДЕ наместо со собирање на вообичаените три норми за ВМ и рејтинг од 2.500, пишува ФИДЕ

СВЕТСКИ КУП ЗА ШАХИСТКИ

Дивја Дешмук, 19-годишната интернационалната мајсторка (ИМ) од Индија, го врежа своето име во шаховската историја победувајќи ја велемајсторката (ВМ) Хампи Конеру со 1,5–0,5 во тајбрејкот и освојувајќи го Светскиот куп (СК) за жени во Батуми (Грузија), пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Таа сега ги следи стапките на ВМ Александра Костенјук (во 2021 година) и ВМ Александра Горјачкина (2023 г.) како трета освојувачка на оваа престижна титула.
– Тешко ми е да зборувам сега. Секако, ова дефинитивно значи многу, но има уште многу да се постигне, па се надевам дека ова е само почеток – рече таа, пренесе ФИДЕ.
На Светскиот куп во Батуми настапија 107 шахистки од 46 земји. Со овој триумф Дешмук автоматски ја добива и титулата велемајсторка, највисоката титула во шахот, и станува една од ретките шахистки во историјата што ја постигнале со освојување голем настан на ФИДЕ наместо со собирање на вообичаените три норми за ВМ и рејтинг од 2.500, пишува Светската шаховска федерација.
– Уште ми треба време да го сфатам тоа. Мислам дека беше судбина да ја освојам титулата велемајсторка на овој начин, бидејќи пред ова немав ниту една норма, а сега сум велемајсторка – изјави Дешмук, пренесе ФИДЕ.
Таа исто така се пласира и на Турнирот на кандидатки во 2026 година, заедно со Конеру и со Тан Жонгји од Кина. Н.М.